Министерствотo за земјоделство, шумарство и водостопанство најостро ги демантира сите информации изнесени од Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ, во врска со поништувањето на Јавните повици за доделување на државно земјоделско земјиште под закуп. Министерството информира дека Јавните повици за доделување на државно земјоделско земјиште под закуп, се поништени поради неправилности во постапката, а со цел правично, транспарентно и законито доделување на државно земјоделско земјиште.
Јавниот повик 01/21 е поништен од причина што мнозинството од членовите на Комисијата утврдиле дека дел од членовите на Комисијата работеле без потребениот кворум за работа пропишан со правилникот за работа на Комисијата. Четворица од членовите на Комисијата веќе имаат доставени изјави до архивата на МЗШВ, дека не биле известени ниту за јавното отворање на понудите, ниту за тековното работење на Комисијата за овој јавен повик.
Јавниот повик 04/21 е поништен поради тоа што членовите на Комисијата процениле дека во јавниот повик недостига нагласен документ со кој ќе се утврди староста на насадот за којшто се доставени поднудите, што би можело да доведе до злуопотреба на постапката.
Од овие причини, а согласно Законот за земјоделско земјиште, но и заради транспарентна, законита и правична распределба на државното земјоделско земјиште под закуп, овие два јавни повици се поништени пред стапување во функција на актуелниот министер Љупчо Николовски. Актуелниот министер Николовски, неселективно ќе преземе соодветни чекори за иницирање на одговорност на службените лица коишто со своите постапки придонеле за неправилности во постапките. МЗШВ најтраснапрентно ги извести понудувачите на јавните повици за поништувањето, на законски начин пропишан со Законот за општа управна постапка преку објавување на известувањето во два дневни весници и во Службен весник на РСМ. На никој начин со актите на министерството не се ограничува правото на надомест на штета доколку кој било земјоделец има претпрено каква било штета од поништувањето и ако тоа го докаже во соодветна судска постапка.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во најбрз можен рок ќе објави нови Јавни повици за истите региони. Земјоделците кои аплицираа на поништените јавни повици, ќе имаат можност повторно со истите елаборати, да аплицираат за истите земјоделски површини. МЗШВ апелира земјоделците да не потпаѓаат под манипулативните изјави на Трипуновски. Во последните 4 години, оваа Влада го врати достоинството на земјоделците и покажа што значи правична и транспарентна распределба на државното земјоделско земјиште кај вистинските земјоделци.
Извор: Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство