Градоначалникот Ѓорѓиевски вчера изврши увид во изградбата на модерен парк во населбата Припор, на местото каде постоеше дива депонија.
Во напредна фаза е оплеменувањето на просторот кој се протега на површина од 4000 м2, на кој, по финализацијата на проектот, ќе се нудат најразлични содржини за сите генерации.
Покрај зеленило, дрвца, хортикултурно уредување, во паркот ќе има урбана опрема, клупи, летниковец, патеки за шетање, воден ѕид, a за најмладите ќе се изгради детско игралиште. На влезот, на јарбол ќе биде поставено македонското знаме.
Следејќи ги најновите светски трендови, паркот, кој носи симболично име, “Иднина”, ќе биде самоодржлив. За осветлување ќе се користат фотоволтаици, а за зелените површини ќе биде поставен систем за самонаводнување.
-Ветувањата од предизборната кампања за мене се обврска. Непосредно до кружниот тек кај Припор, од неуреден и неосветлен простор, од депонија поради која сите ја вртеа главата настрана, оваа пролет граѓаните ќе добијат прекрасно урбано катче за одмор, рекреација и дружење. Внимававме да предвидиме содржини за сите генерации, а притоа за одржување на новиот парк да користиме обновливи извори на енергија, со што и заштедуваме и ја заштитуваме животната средина. Паркот “Иднина” е одговор на потребите и барањата на нашите жители. Како еден од првите реализирани проекти и остварени ветувања, тој ќе биде симбол на иднината што им ја ветивме на нашите сограѓани-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Извор: Општина Кисела Вода