Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска одржа координативен состанок со претставници на урбани и рурални месни заедници од вкупно 10 населени места од општина Аеродром, на која присуствуваа и градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски и претставници на јавните претпријатија и сектори при Град Скопје како дел од теренскиот тим за проценка на состојбата со заборавените населби во градот.
Теренските тимови на Град Скопје составени од повеќе секторски претставници, во текот на изминатите недели започнаа со проценка на состојбата во осум урбани и две рурални средини во Општина Аеродром. Со понатамошна континуирана комуникација со граѓаните од овие населени места и изготвување на акциски план за имплементирање на проекти во заборавените населби од оваа општина, Градот активно ќе се посвети на решавање на децениските проблеми со кои се соочуваат граѓаните и уште поважно, ќе понуди брзи и ефикасни решенија кои нудат поквалитетен живот за сите граѓани, без разлика дали тие се наоѓаат во урбана или рурална средина.
Анализите од терен на Град Скопје покажуваат дека најголем дел од барањата на жителите од руралните месни заедници во Општина Аеродром бараат итно решавање на инфраструктурните проблеми, како и водоснабдување и канализациска инфраструктура.
Извор: Град Скопје