Универзитетот во Тетово одлично функционира и во услови на пандемија, односно добро ја прилагодил работата на овие вонредни околности и подеднакво се грижи не само за заштита на јавното здравје, туку и го одржува квалитетот на образовниот процес на високо ниво.
Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири за време на посетата на тетовскиот државен универзитет, каде на состанок со ректорската управа се запозна со тековното работење на високообразовната установа.
„Од она што го видов и можам да го заклучам, универзитетот добро го менацира образовниот процес во услови кога пандемијата го отежнува функционирањето на целото општество, па и на воспитно – образовниот систем. Универтзитетот работи по протоколи, го штити здравјето на студентите и на професорите, а истовремено се труди не само да го задржи квалитетот на образовниот процес, туку и дополнително да го подигне“, рече министерот Шаќири, додавајќи дека тоа е особено важно, затоа што конкуренција мора да има во секакви услови и во секое време, бидејќи таа го развива квалитетот на националниот образовен систем.
„Јас верувам дека овој универзитет кој успешно функционира, расте и се развива веќе 27 години, но и сите останати ќе го задржат ентузијазмот во овој кризен период и ќе продолжат да создаваат генерации од кои очекуваме придонес кон развојот на државата, генерации кои ќе бидат добро подготвени, ќе ги преземаат постепено улогите на возрасните и ќе бидат носители на општествените текови, процеси и промени“, потенцираше Шаќири.
Министерот информираше дека посетата на Универзитетот во Тетово е дел од агендата за посета на високообразовните установи во државата, која како што рече, планира да ја реализира во следниот период, а заради остварување на непосреден контакт и запознавање со работата, но и со предизвиците со кои се соочуваат установите кои создаваат академски и научен кадар.
„Да видиме што и како можеме да помогнеме, заеднички да најдеме начини и решенија тие предизвици да се надминуваат, затоа што нивната работа е висок општествен интерес“, додаде министерот.