spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМЗШВ: За првпат имаме европска програма за финансиска поддршка во земјоделството, се...

МЗШВ: За првпат имаме европска програма за финансиска поддршка во земјоделството, се кратат административни процедури, се воведува авансна исплата на субвенции

Владата на денешната седница ја усвои Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за оваа 2022 година. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, на денешната прес-конференција изјави новата Програма е производ на  опсежни анализи на искористеноста на средствата, земајќи го предвид  развојниот ефект на субвенциите и отстранувањето на можноста за нивна злоупотреба.

Со годинешната Програма за за првпат се врши усогласување со политиките на Европската Унија преку воведување на пилот мерка во овоштарството за линеарна субвенција и авансна исплата на субвенциите за почеток за секторот овоштарство. Оваа мерка е по основ на европската мерка „decoupling“, која подразбира линеарна исплата за обработлива земјоделска површина независно од културата.

„Новитет е што исплатата за оваа мерка ќе се врши во тековната година, во периодот од септември 2022 година до декември. Да биде појасно, сите овоштари ќе добијат авансно 12.000 денари од вкупната сума колку што изнесува основната субвенција во тековната година, односно кога им се најпотребни во ек на берба, а остатокот од основната субвенција ќе се исплати следната година како и досега. На пример ако за еден хектар јаболков насад вкупната поддршка е 50.000 денари, 12.000 денари ќе му бидат исплатени авансно во тековната година, а остатокот од 38.000 денари ќе се исплатат до месец мај следната година како и досега. Практично, со овој модел овоштарите ќе имаат две исплати“ изјави Николовски.

Ваквиот начин на субвенции согласно европските регулативи е предвидено следната 2023 година да се воведе и за останатите мерки по површина, односно за поледелство, градинарство и лозарство. За  успешна реализација на овие мерки ќе се измени Законот за земјоделство и рурален развој, со кој ќе се овозможи на Платежната Агенција да врши 30 отсто авансна исплата, пред завршувањето на административните контроли и контролите на терен.

Усогласувањето со заедничката земјоделска политика на ЕУ, подразбира и промена на домашната законска регулатива. Поточно, ќе се донесат три клучни закони за усогласување на националните политики со политиките за земјоделство на ЕУ, односно Закон за директните плаќања, Закон за руралниот развој, Законот за уредување на пазарите.

Николовски посочи дека за да се добие прецизна слика за ефектот од субвенциите, годинава ќе се спроведе детална анализа, со вклучување на сите стручни и професионални капацитети кои ги има државата, од која ќе се добијат податоци за креирање на понатамошните земјоделски политики и за прв пат точно ќе се знае кои култури се стратешки и дали ќе има потреба за дополнително финансирање.

Поради посратот на трошоците за нафта кај земјоделските култури, во новата Програма е предвидено зголемување на финансиската поддршка за мерката зелена нафта.

„Со цел да се анулираат зголемените трошоци за нафта, го зголемивме износот за кофинансирање по хектар за субвенции за зелена нафта. На пример, трошоците за нафта лани за пченица биле субвенционирани со 1.250 денари по хектар, а оваа година поради зголемената цена на нафтата и ревидирање на методологијата за пресметка на висината на трошоците,  ќе добијат 1.413 денари по хектар. И покрај порастот на цената на нафтата, политиките на Владата остануваат кофинансирањето за зелена нафта да биде 50 %. Со измени на Законот за земјоделство и рурален развој овозможуваме зголемување на кофинансирањето до 100%“, рече министерот Николовски.

Со новата Програма, се зголемуваат субвенциите за грло говеда од 2.800 на 3.100 денари по грло.Исто така, за стимулирање на сточарското производство за прв пат се воведува дополнителна субвенција по квалитет на млеко. Ако досега производителите на кравјо млеко кои произведуваа млеко со екстра класа добиваа поддршка од 3,5 денари по литар, од сега ќе добиваат 4,5 денари по литар. Поддршката за овчо и козјо млеко се зголемува од 4,5 денари по литар на 5,5 денари по литар млеко. За поддршка на сточарите, Николовски најави дека ќе бидат објавени јавни повици за доделување на земјиште за сточарите.

Министерот Николовски потенцираше дека се воведуваат мерки со кои се спречува злоупотреба на субвенциите, нешто што беше воочено како слаба точка, целта е субвенциите да завршуваат кај вистинските земјоделци. Во тој конетекст, од оваа година како редовна мерка се воведува субвенцијата за  дополнителна мерка за заклано женско јагне во регистриран кланичен капацитет во период од 1 јануари 2022 до 31 мај 2022, во износ од 400 денари по женско јагне.  Со воведувањето на оваа мерка ќе зголемат контролите во овчарството преку дополнителни проверки на бројот на заклани јагниња во однос на бројот на пријавени грла овци.

Со цел да се избегнат манипулации од страна трговците и „ловците на субвенции“, кај дополнителната мерка за заклани грла говеда се воведува задолжителен период на чување на животните на одгледувалиштето од 3 месеци пред истите да се предадат во регистриран кланичен капацитет.

Дополнително, се зајакнува контролата од страна на Агенцијата за ветеринарство и храна, Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и Државниот земјоделски инспекторат, на ветеринарните друштва, со цел спречување на злоупотреби при пребројување на грло добиток и исплата на субвенции овчарството и пчеларство.

И годинава продолжува поддршката за сите стратешки култури како тутунот, грозјето, пченицата и друго.

 

 

Извор: Влада

Прочитајте