– Ќе бараме од Владата зголемување од пет проценти на минималните коти на акумулациите меѓу кои и Тиквешкото Езеро. Во меѓувреме ќе соработуваме со сите засегнати страни за да најдеме долгорочно решение за подобра состојба со Eзерото, истакна денеска министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини во Кавадарци, по средбата со градоначалникот Митко Јанчев и претставниците на Иницијативниот одбор на Спас за Тиквешко Езеро.
На средбата се разменија мислења за актуелната состојба со намалениот водостој на Тиквешкото Езеро и се заземаа ставови за преземање на интервентни мерки и долгорочни активности за соодветното управување со водните ресурси на акумулацијата.
Езерото во текот на своето постење претрпело измени во функционалноста и развило и други стопански дејности и еколошки вредности, како природно туристичко богатство на регионот. Од таа причина, министерот Нуредини нагласи дека е потребна стручна проценка, како што е впрочем потребна и за другите езера во државата, но како резултат на соработка на сите засегнати страни, стручни лица и властите врз основа на која ќе бидат детектирани различните аспекти, влијанија и промени што оваа акумулација во текот на своето постоење ги генерирала и на тој начин ќе се изнајдат решенија со кои ќе се задоволат различните потреби согласно законската регулатива, социо-економскиот развој и заштитата на животната средина.
На средбата, присуствуваа и пратениците Даниела Колева, Зоран Јованчев и Панчо Минов, директорот на ХЕЦ ,,Тиквеш” Кавадарци, Ѓоко Ташев, раководителот на подружницата ,,Тиквеш” на Водостопанство, како и други учесници и комисии, меѓу кои и претседателите на еколошкото друштво ,,Еко-живот” и планинарско спортското друштво ,,Орле”, Роберто Паризов и Никола Минчоров и претставници од Движењето на екологисти.
Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање