Министеркатa за труд и социјална политика Јованка Тренчевска вчера се сретна со претставници на Занаетчиската комора. На средбата, информираа за предизвиците со кои се соочуваат со новото законско решение недела неработен ден и потребата од работа во недела на фризерите, козметичарите, и одредени пекарски и слаткарски производители. Според нив со работа во недела на одредени занаетчиски дејности, ќе се овозможи да се заштитат и интересите на занаетчиите и на државата од сивата економија. Министерката Тренчевска посочи дека министерството ќе го разгледа предлогот на Занаетчиската комора.
„Законското решение недела да биде неработен ден се имплементира само месец и половина. Очекувам праксата да покаже какви се ефектите. Како Влада и како министерство ќе направиме дополнителни анализи за да утврдиме дали е постигната целта 92% од работниците да не работат во недела, а оние 8% кои работат во техничко – технолошкиот процес кој не може да се прекине во недела да добиваат 50% повисока дневница“, рече Тренчевска.
Законското решение недела неработен ден започна да се имплементира од почетокот на годинава.