Мислењето на компаниите и нивните потреби ни е клучно за дизајнирањето на уписните политики за средните стручни училишта и силно веруваме дека низ овој социјален дијалог заеднички ќе ги идентификуваме потребите и ќе можеме да одговориме на нив. Обезбедувањето на добро квалификувана работна сила е истовремено и највисок државен интерес, затоа што само со вложување во човечкиот капитал можеме да постигнеме општествено-економскиот раст и развој. Ова го истакна заменик министерот за образование и наука Лулзим Алиу на средбата Учи паметно, работи стручно која се одржа во Штип, во присуство на претставници на коморите и бизнисот, од средните стручни училишта и градоначалниците на Штип, Пробиштип и Свети Николе.
Заменик министерот Алиу посочи дека компаниите кои се соочуваат со недостиг на соодветен кадар се свесни дека овој проблем може да се надмине единствено со вклучување во дијалогот и заедничко дејствување со државата и општините. Доказ за тоа е и огромниот интерес од страна на бизнис заедницата за учествување во процесот исразен на прашалникот што МОН го спроведе пред почетокот на дијалогот.
,,Особено радува фактот што интересот на компаниите да се вклучат во овој процес е огромен. Добивме одговор од околу 400 компании, а дури 90 % од нив се изјаснија дека се подготвени да се вклучат во дуалното образование, односно да примаат ученици на пракаса во учебната 2022/23 година што ја покажува силната волја заеднички и одговорно да го прилагодуваме образованието на современите потреби на пазарот на труд и ја враќаме атрактивноста и вредноста на средното стручно образование”, рече Алиу.
Министерството за образование и наука во реализирањето на овој дијалог е поддржано од Швајцарската амбасада, Платформата за јавен-приватен дијалог, во која се артикулирани интересите на четирите најголеми стопански комори, а тука се и компаниите и локалните самоуправи.
МОН втора година по ред води дијалог на локално ниво за унапредување на средното стручно образование. Во учебната 2021/22 година бројот на дуални паралелки од 11 се зголеми на 97, со вклучени над 200 компании. Во овие дуални паралелки се запишаа 1.400 ученици, што е за 6% повеќе ученици во средно техничко образование. Променети се и политиките за стипендирање, односно учениците запишани во дуалните паралелки во средните училишта, добиваат месечна стипендија во висина од 3.500 денари.