spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeОпштиниКисела Вода: Интегрален текст од прес конференцијата на градоначалникот Ѓорѓиевски по повод...

Кисела Вода: Интегрален текст од прес конференцијата на градоначалникот Ѓорѓиевски по повод 100 дена раководење со општината

Почитувани,

Изминаа првите сто дена од процесот на креирање на новиот лик на Кисела Вода. Промените кои граѓаните од нас ги побараа преку своите дадени гласови, ги започнавме во сите сфери од делувањето на оваа локална самоуправа.

Во кусата временска рамка што ни стоеше на располагање, сработевме преку 50 проекти кои на директен начин ја подобрија функционалоста, транспарентноста, имиџот на оваа општина.

 

Одлучно и смело се зафативме со ставање ред во урбанистичкиот хаос кој се закануваше да го задуши ова место на живеење во еколошка, социјална, хумана смисла. Ова подразбираше ревизија, интензивирање на легализација надивоградби, но и рушење онаму каде што се пронајде криминал.

Преку кампањата “Моја земја, мој дом”, пак, го актуелизиравме откупот на државно земјиште под легализирани објекти и дворно место.

За овие 100 дена презедовме сериозни чекори и во подобрување на комуналната инфраструктурата. Целосно реконструиравме повеќе улици, дел се во завршна фаза, почнавме со изградба на фекална канализација на Речиште која жителите ја чекаа повеќе од 30 години, градиме два нови паркови на местото од големите диви депонии кои интензивно се чистат, изградивме еден паркинг во Драчево, а друг градиме во Расадник, темелно реконструиравме две детски игралишта, една училишна спортска сала е реновирана, а онаа во Невена Георгиева Дуња во моментот целосно се реконструира. Обезбедивме компјутер за секој наставник, а посебно внимание посветивме на лицата со посебни потреби- поставивме пристапни рампи во објектот на општината, дониравме книги напишани со Брајово писмо за училишната библиотека на ДУРМДОВ “Димитар Влахов”, а на ООУ “Кузман Јосифовски Питу” покрај тоа што му ја менуваме фасадата и кровот, го правиме целосно инклузивно-со лифт, рампи, со сите архитектонски потреби кои ги имаат лицата со попреченост.

Почитувани, ова е само многу кус осврт на реализираните активности и  проекти. Бидејќи ова е ново поглавје во Кисела Вода.

Дозволете ми во наредните минути да подискутираме малку подетално.

Ќе започнам со сработеното во една од областите кои се најголем предизвик, урбанистичкото уредување. Преку првиот дел од проектот Стоп за урбаната мафија, од заклучените фиоки ги извадивме сите важечки урбанистички планови, ги дигитализиравме и ги ставивме на увид на граѓаните.

Стручна комисија ги презентираше првите резултати од утврдените неправилности, a во моментов на тендер бараме независна надворешна ревизорска куќа, која ќе даде свое, експертско толкување на урбанистичкото работење на претходното раководство на Општина Кисела Вода. Морам да нагласам дека во креирањето на целосната слика, но и на нашите следни чекори голема улога ќе имаат нашите жители. Им ветив и ќе исполнам дека  одлуките ќе ги носат тие, а не урбаната мафија.

Во контекст на претходното, сакам да ја информирам јавноста дека до Општината пристигнаа преку 100 пријави за нерегуларности во донесените ДУП-ови. Интересен податок е дека граѓаните покрај забелешките даваа и предлози и идејни решенија околу урбанизацијата на одредени локации во општината. Сево ова ќе биде разгледано и ќе се постапува согласно Законот и законските норми.

Во овие 100- дена, спречивме изградба на згради во зеленилото во Балаклија и на станбени објекти во Припор.

Целосно го стопиравме предожениот ДУП за Расадник, во кој беа вцртани дури 99 згради. Нацрт предлогот за Меѓународниот конкурс за Расадник кој го ветив, е јавно објавен на нашата веб страница, како граѓаните би можеле да дадат свои забелешки. Со цел тој да биде стручно издржан, го доставивме и до стручната јавност- до Архитектонскиот факултет во Скопје, до Комората на властени архитекти и инженери и до Асоцијацијата на архитекти на Македонија.

Од сите овие три институции, каде се најистакнатите авторитети во оваа област, ја добивме поддршката за распишување на Меѓународниот Конкурс за идејно урбанистичко – архитектонско решение за ДУП Расадник, како иден хуман кварт за живеење и ни беше потенцирано дека на располагање го ставаат својот целокупен стручен потенцијал.

При изработката, ќе учествуваат и членови од Партиципативно тело, за кое пријавувањето заврши со поднесени околу 25 апликации. Оформувањето на Партиципативното тело е доставено како предлог до Советот на Општина Кисела Вода, за седницата кој ќе се одржи до крај на месецов. Со тоа, ќе бидат исполнети сите услови за објавување на Меѓународниот конкурс кој треба да даде решение идејниот лик на Расадник.

Ревизијата, пак, на издадените одобренија за градба дополнително ги потврди сомнежите за криминално работење на претходното раководство. Пристапивме кон рушење на индустриски објекти градени без никакви документи, нешто што 30 години не се случувало во нашата општина. Никој не е над законот и криминалот ќе се казнува.

Со нова динамика, пристапивме кон процесот на легализација на дивоградбите. За само 100 дена, 490 семејства добија документ за легална сопственост. Како што ветив, за една година, затворени ќе бидат сите предмети. Дополнително, за овие лица, ја започнавме кампањата Моја земја, мој дом, преку која, со целосна логистичка поддршка од службите на Општина Кисела Вода, сега можат да го откупат земјиштето под и околу легализираниот објект по цена од едно евро за квадратен метар. Да бидат целосно, свои на своето.

Како голема општина во која со децении не се инвестирало, подобрувањето на инфраструктурата во Кисела Вода е сериозен предизвик. Еден аспект е естетиката, како прв впечаток, но уште поважно е што локалниот економски развој е условен од добрата инфраструктура. Со сериозен пристап, за само три месеци реализиравме бројни зафати во оваа сфера.

Целосно ја асфалтиравме улицата Пушкинова со сите нејзини краци, како една од најфреквентните улици во чија непосредна близина има училиште. Во напредна фаза е темелната реконструкција на улицата Наум Охридски. Покрај асфалтирањето, тука се градат и нови тротоари и се поставува осветлување. Паралелно, на оваа улица се гради и нова атмосферска канализација, со што граѓаните ќе добијат комплетно решение за проблемите предизвикани од уништениот асфалт и таложењето на атмосферските води по улицата.

Заедно со Градот Скопје, поведовме постапка за експропријација на земјиште од деловни субјекти поради проширување на булеварот “Борис Трајковски” до Драчево.

Целосно го завршивме асфалтирањето на улицата Сердарот од пругата до месната заедница во Потстаница, со павер елементи ја поплочивме пешачката патека, а нареден чекор е  хортикултурно уредување и поставување на урбана опрема.

Темелно реконструиравме две детски игралишта во Кисела Вода. Во игралиштето во населбата Драчево, пак, во Паркот на бранителите поставивме осветлување. Со поставување на дополнителни електрични столбови, достапна и безбедна за вечерни прошетки ја направивме и трим патеката.

Интензивно се бавиме со подигнување на хигиената во општина Кисела Вода. Секојдневно се чистат огромните дивите депонии, по што ќе следи нивна ремедијација. Една од црните точки беше депонијата во Дупки. По темелното расчистување, тука во напредна фаза е изградбата на парк. Ваква ќе биде судбината на сите депонии од овој дел на Скопје.

Нов парк градиме и во Припор. На 4000 квадратни метри, модерен и самоодржлив. За осветлување ќе се користат фотоволтаици, а за зелените површини ќе биде поставен систем за самонаводнување. Усје, пак, го пошумивме со 1200 аризонски чемпреси.

По првите две недели од моето доаѓање на градоначалничката позиција, започнавме со изградба на фекална канализација на улицата Речиште. Ова им го ветив како приоритет на тукашните жители кои дури 30 години чекаат да добијат современи услови за живеење. А градежните активности кои таму течат се потврда за сериозноста на мојот даден збор.

Еден од горливите проблеми на урбаното живеење во Скопје е недостатокот од достапни паркинг места. Во овој период, изградивме паркинг простор во населбата Драчево на површина од околу 3500 квадратни метри и започнавме со изградба на простор за паркирање во Расадник кој ќе овозможи паркирање на преку 60 возила. Мапиравме и други локации каде може да се обезбеди простор за паркирање, пред се’, на места каде што во моментов има диви депонии.

Обезбедивме компјутер во училиштата за сите наставници. Со тоа директно влијаеме врз подигнување на квалитетот на наставниот процес. Дополнително, работиме на подобрување на условите во училишните објекти. Ја реконструиравме спортската сала во ООУ Партенија Зографски, во моментот тече темелна обнова на училишната сала во Невена Георгиева Дуња, а во ООУ Кузман Јосифовски Питу, започнавме со промена на кровната конструкција, поставување на термоенергетска фасада и изградба на лифт за децата со посебни потреби, на пристапни рампи, специјални тоалети, со што, ова ќе биде првото целосно инклузивно училиште во Скопје.

Во целиот овој изминат период многу внимание посветивме на подигнување на социјалните бариери за лицата со посебни потреби. Под мотото “Различни, а исти”, изградивме пристапна рампа во објектот на Општината, ги вклучивме овие лица во бројни проекти како што беше Хуманитарниот базар, ја опремивме библиотеката на училиштето за деца и младинци со општетен вид со 46 книги, лектирни изданија пишувани со Брајово писмо. И за нив, а и за речиси сите останати дечиња од Кисела Вода, обезбедивме донација од 2000 новогодишни пакетчиња. Не дозволивме социјално ранливите семејства празниците да ги поминат сами и со празна трпеза. Обезбедивме 350 хуманитарни оброци, а Стара Нова година ја минавме на заеднички ручек. Ја возобновивме манифестацијата за фрлање на крстот за Водици, настан кој го посетија преку 500 луѓе.

Не ги заборавивме ниту повозрасните лица од Кисела Вода. Им беа обезбедени негуватели кои, пак добија времено вработување. Негуватели за дополнителна нега, во рамки на истиот проект, добија и дечињата од градинките. Ја подобривме соработката со јавното претпријатие “Лајка” во насока на хуман третмани и намалување на популацијата на уличните и напуштените кучиња во Кисела Вода. И самиот, обезбедив дом за кутрето Лиска, кое некогаш беше скитник по улиците.

Почитувани, во овие 100 дена покажавме дека може и мора поинаку. Воведовме нови правила на делување. И тука, во Општината промените се повеќе од видливи. Архивата работи во две смени, бројот на услужени граѓани е се поголем, комуникацијата со нив ја подигнавме на едно повисоко ниво. Секој ден е приемен ден во Општина Кисела Вода. Ги скративме непродуктивните трошоци, средствата предвидени за репрезентација се користат за помош на граѓаните, службените возила се користат само за службени цели. Седниците на Советот ги направивме јавни, како уште еден чекор во подигнување на транспарентноста.

Ќе ја споменам и состојбата со снежните наноси, која во Кисела Вода знаела да предизвика катастрофи, и поради конфигурацијата на теренот, но и поради неажурноста на човечкиот фактор. Оваа зима, покажавме дека координираноста и волјата да се помогне даваат резултати. Секако, во тоа ни помогнаа и нашите жители кои непрекинато не известуваа каде е потребна дополнителна интервенција. И ним им благодарам.

Ценети граѓани, ова е само почеток.

Планот за распределба на финансиските средства го објавивме преку донесениот Буџет за 2022 година, а тука е и тригодишната развојна програма во која се опфатени сите проекти од мојата предизборна програма. Ветив и ќе остварам: Во првата година ќе отпочнеме со 70 проценти од целокупната предизборна програма. Како една ексклузивна информација за која во наредниот период ќе добиете повеќе детали, сакам да ви најавам дека во Општина Кисела Вода, ќе отвориме Противпожарна единица, која ќе ги опслужува жителите од централниот дел на општината, но ќе биде и од голема помош за жителите на Сопиште.

Ветив и ќе опстојам на тоа дека Општина Кисела Вода ќе биде општина за сите луѓе!

 

 

 

 

Извор: Општина Кисела Вода

Прочитајте

Мицкоски: За многу скоро од денес од оваа говорница ќе слушате...

0
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница за пратенички прашања, потенцираше дека за многу скоро време македонската јавност ќе слушне што се...