Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ беше дел од македонската делегација, на овогодишната, 58. Минхенска безбедносна конференција, која се одржа од 18 до 20 февруари, заедно со министерката за одбрана, Славјанка Петровска и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, а предводена од Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски.
За време на тридневната работа владините претставници учествуваа на повеќе настани во рамките на конференцијата, но и остварија средби со високи претставници на земјите учеснички на истата.
Значајни средби вицепремиерот Маричиќ и премиерот Ковачевски имаа со потпретседателот на Европската комисија и висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, и со генералниот секретар на Европската служба за надворешни работи, Стефано Санино, на кои е поздравен нашиот напредок и нашата посветеност за што поскоро Северна Македонија да ги започне пристапните преговори со Европската Унија. На средбата беше потврдено дека нашата иднина е европска и дека Северна Македонија треба да ги започне преговорите за пристап во ЕУ без натамошно одлагање.
На вториот работен ден на Минхенска конференција за безбедност, реализираа средба и со претставникот на ЕУ за Западен Балкан, Мирослав Лајчак. Главна тема на средбата беше напредокот во процесот на дијалог помеѓу Северна Македонија и Република Бугарија, како и следните чекори во нашата меѓусебната соработка. Од Унијата е забележан нашиот напредок и заложбата на Владата во спроведувањето на реформската агенда и реализацијата на нашата јасна цел – Северна Македонија во ЕУ. Продолжува нивната финансиска помош преку ИПА проектите, кои се од суштинско значење за европскиот напредок на земјата, што ја прави ЕУ наш силен и доверлив партнер на нашиот европски пат.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ заедно со премиерот Ковачевски на состаноците со премиерот на Република Грција, Киријакос Мицотакис и косовскиот премиер Албин Курти, ги потврдија добрососедските односи и ја истакнаа важноста на регионалната соработка како и континуираното зајакнување на политичкиот дијалог и градењето доверба. Премиерот Мицотакис истакна дека Грција останува пријател на нашата земја и силен лобист за интеграцијата на Северна Македонија во големото европско семејство.
На маргините на Минхенската безбедносна конференција, Маричиќ, Ковачевски и Османи, одржаа состанок со премиерот на Република Бугарија, Кирил Петков, на кој соговорниците изразија задоволство од динамиката на билатералната соработка, преку реализацијата на концептот на работни групи и конкретните активности и предлози кои до сега произлегоа од нивната работа. Делегациите покажаа интерес и можност да се дојде до квалитетни решенија поддржани и прифатливи од двете страни.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, заедно со премиерот се сретнаа со американскиот сенатор Крис Марфи и претставничката на Мичиген во Конгресот на САД, Елиса Слоткин, со кои поразговараа за актуелни политички теми на меѓународно ниво, како и за моменталните политички состојби и предизвици во процесот на евроинтеграција на земјите од Западен Балкан. САД остануваат наши партнери во остварување на нашата стратешка цел, а тоа е членство во Европската Унија. Дека нашите стратешки партнери и сојузници, Обединетото Кралство, остануваат силни поддржувачи во остварувањето на нашите зацртани цели за напредок на нашата земја на европскиот пат, потврди премиерот Борис Џонсон во разговорот со вицепремиерот Маричиќ и премиерот Ковачевски.
На последниот ден од Минхенската безбедносна конференција се сретнаа и со директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, кој со својот ангажман има значаен придонес со ефективната поддршка која ја дава за нашите политики, како и со Дејмон Вилсон, претседател и извршен директор на најголемата американска фондација за промоција на демократија низ светот, Националната фондација за демократија (НЕД). На средбата имаа можност да разговараат за идните чекори и насоки за поддршка во спроведувањето на реформите и јакнењето на демократските процеси во институциите, која НЕД, НДИ и ИРИ ја пружаат на Северна Македонија, а се исклучително важни во подготовка на земјата за процесот на пристапните преговори со ЕУ.
Оваа година, темата на Минхенската безбедносна конференција беше посветена на „Меѓународната соработка во време на растечки кризи“ и на истата учествуваа повеќе од 30 шефови на држави и влади, како и стотина министри и шефови на релевантни меѓународни организации.