Трајно се намалуваат или укинуваат царинските стапки на 258 суровини и репроматеријали што ќе значи намалени увозни давачки за домашните компании. Ова се овозможува со измените и дополнувањата на Законот за царинска тарифа што беа усвоени од Собранието, а на кој Министерството за финансии работеше минатата година во консултации со бизнис-заедницата.
Со укинувањето на тарифите, според министерот за финансии Фатмир Бесими, се намалуваат трошоците за производство со што се влијае врз зајакнување на конкурентноста на македонската економија.
Со овој закон, смета Бесими, се придонесува кон подобрување на конкурентноста на домашните компании, поголема атрактивност на земјата кон привлекувањето нови компании со странски капитал од различни стопански сектори, проширување на производството на постојните капацитети на домашни и странски компании, како и кон зголемување на вработеноста.
Според министерот, значајна поддршка на домашните компании и индустрија за намалување на трошоците за производство дополнително се прави и со укинување на царинската стапка за природен гас, што е предвидено со ова законско решение. Истовремено, во услови на енергетска криза, со Законот се дава и придонес кон поголема ценовна стабилност на овој енергенс, а се поттикнува и промена на користењето енергенси кон енергенси што помалку загадуваат.
Со намалувањето на царинските стапки на суровините или репроматеријалите што се користат во технолошко напредното производство, исто така директно ќе се помогне во секторите на автомобилската, металопреработувачката индустрија, металургијата, текстилната и кожарската индустрија, кои во 2020 и 2021 година забележаа сериозен пад во индустриското производство.
Во услови на пандемија и отежнато работење на компаниите од преработувачката индустрија, намалувањето на царинските стапки на одделни суровини и репроматеријали ќе ги олесни условите за работење на овие компании и ќе овозможи да се зголеми нивната конкурентност на пазарот.
Со Законот се опфатени суровини и производи што не се произведуваат во земјата и се набавуваат од увоз, а нивните царински стапки во увозот во Република Северна Македонија се значајно повисоки во однос на царинските стапки на истите производи што се применуваат во Европската Унија. Со намалувањето на увозните давачки висината ќе се доближи кон царинските стапки што се применуваат во Европската Унија, што значи ќе се овозможи да се подобри конкурентноста на домашните компании и ќе има поголема атрактивност на земјата кон привлекувањето нови компании со странски капитал од различни стопански сектори.
Со донесување на овој закон се реализира Програмата на Влада, како и Мерката 17 од петтиот сет економски мерки за ревитализација на економијата во услови на ковид-19, којашто се однесува на тоа да се намалат царинските стапки на нивото како во Европската Унија, и тоа за најприоритетните стоки што како суровини и репроматеријали се користат во преработувачката индустрија.
Извор: Министерство за финансии