Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка со проектот „Регионална акција на ЕУ за искоренување на болести кај животните во Западен Балкан“ вторник, 15.03.2022 година и во среда, 16.03.2022 година, во Велес, ќе одржи симулациска вежба за искоренување на болеста Чума кај мали преживари.
Теренскиот дел од вежбата ќе се одржи во среда (16.03.2022 година) во с.Сујаклари во Општина Велес, поради што ја известуваме јавноста и локалното население од ова населено место дека не станува збор за реална ситуација и појава на болест, туку за активности поврзани со симулациската вежба.
Преку вежбата, по однапред утврдено сценарио и доделување на улоги на учесниците, ќе се реализираат активности кои треба да се преземат во случај на појава на болеста чума кај мали преживари, со цел тестирање на системот и подготвеноста на АХВ соодветно да постапи во случај на појава на оваа болест.
Вежбата има за цел и унапредување на регионалната соработка и комуникација на институциите и ветеринарните служби при појава на болести кај животните кои се предмет на плановите за итни мерки.
На симулациската вежба, ќе учествуваат и претставници од Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје и експерти од Република Србија и Европската Унија.