Ја известуваме јавноста дека поради повреда на законитоста на прописите на општината, како и на постапката за донесување на истите, советниците од Левица во советот на општина Ѓорче Петров, до Државниот инспекторат за локална самоуправа поднесоа Иницијатива за вонреден инспекциски надзор.
На ваквиот потег претходеа постојаните обиди за интервенции од наша страна на седниците на советот преку многубројни издржани процедурални забелешки кои не наидуваа на прифаќање и поправање од страна на претседателката на советот – Ленче Нелоска која узурпаторски и без никакво образложение продолжуваше со непрописно одржување на седниците.
9-тата седница беше седница на која од самиот почеток беа прекршени повеќе одредби од Законот за локалната самоуправа, Статутот и Деловникот за работа на советот на општината Ѓорче Петров (затоа и побаравме да се одложи седницата со што претходно би се испочитувале сите утврдени рокови), а седницата продолжи со дополнително кршење на одредби од овие акти.
Исто така, предупредивме дека донесувањето на Одлуки во услови на незапазена процедура би резултирало со невалидност на истите, како и за тоа дека општината би била подложна на инспекциски надзор поради вака одржаните седници и донесени Одлуки – сепак нашиот предлог за одложување на седницата не беше прифатен со образложение дека „нема потреба повторно да одвојуваме и губиме време за исти точки“.
Во советот на општината владее безредие во кое не се овозможени нормални услови за застапување на волјата на граѓаните од страна на советниците.
Несериозноста, нетранспарентноста и узурпаторскиот однос во текот на седниците континуирано се изразува преку:
– Одржување на седниците онлајн врз основа на незаконски донесена Одлука и без никаква причина;
– Исклучување на присуство на јавноста од седниците на советот на перфиден начин;
– Ненавремено доставување на материјалите за седниците;
– Непочитување на роковите за закажување на седниците на постојаните комисии;
– Ненавремено доставување на записниците, а со тоа и оневозможување на советниците да дадат забелешки кон истите;
– Неправилно пребројување на гласовите при донесувањето на Одлуките;
– Констатирање на состојба која е надвор од реалноста, односно засметување на советниците како да се присутни на седниците и вбројување на нивниот глас согласно гласот на нивната советничка група, иако истите всушност не се присутни на седницата и во моментот на гласањето по Одлуките.
Сакаме да нагласиме дека, како што изрично наведовме и во самата Претставка, поради превенција од појава на материјална штета, правна несигурност и поради несомнениот интерес на граѓаните на општина Ѓорче Петров за спроведување на Одлуките кои се донесени неусогласено со Законот за локална самоуправа, предложивме Инспекторатот ДА НЕ ЈА ЗАПРЕ примената на истите. Исклучок од овој предлог е барањето да се запре понатамошната примена на незаконитата Одлука за употреба на електронски комуникациски средства при заседавање на советот.
Намерата во ниту еден случај не ни била да блокираме проекти коишто се во интерес на граѓаните, напротив, целта ни е да иницираме ефективни, ефикасни и транспарентни седници на коишто би се создале услови за дискусија, донесување на законски засновани Одлуки и нормален тек на седниците.
Воспоставената токсична пракса од ВМРО-ДПМНЕ која понатаму продолжила и се надоградувала од СДСМ, а сега се комплетира од ВМРО-ДПМНЕ
– мора да се искорени, затоа што целокупната катастрофална состојба во која се наоѓа општината Ѓорче Петров произлегува токму од ваквата пракса.
Извор: ЛЕВИЦА