Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ вчера e домаќин на посетата на Сојузната министерка за ЕУ и Устав на Република Австрија Каролине Едштадлер.
Вицепремиерот Маричиќ на прес конференцијата по средбата со министерката Едштадлер истакна дека оваа посета е цврста потврда дека Западен Балкан останува високо на агендата на Европската Унија и нејзините земји членки, и дека Австрија останува верен поддржувач на политиката на проширување на Унијата со земјите од регионот.
Австрија ја препознава вистинската и несомнена ориентација на Северна Македонија кон евроатлантските вредности и идеали, и дава безрезервна поддршка и заложба особено за Северна Македонија и Албанија во евроинтегративниот процес.
Вицепремиерот Маричиќ додаде дека иднината на нашата земја и на целиот регион е европска, и дека смета оти е време да се потврди тоа, изразувајќи очекување дека Европската Унија ќе ги потврди нејзините интереси за обединување на европскиот континент и после долг период ќе ја врати динамиката на проширување кон земјите од Западен Балкан.
Во обраќањето пред медиумите Маричиќ посочи и на безбедносната криза предизвикана од конфликтот во Украина, повикувајќи на обединување и заедничко дејствување за осигурување на мирот, стабилноста, безбедноста и демократијата и воопшто иднината на Европа, а со Каролине било разговарано и за дијалогот со Бугарија и меѓусоседските односи, кои се во една поамбициозна фаза на соработка, а од која Маричиќ очекува забрзување на можноста за стекнување услови за одржување на првата Меѓувладина конференција со Европската Унија.
Сојузната министерка за ЕУ и Устав на Република Австрија Каролине Едштадлер на прес – конференцијата рече дека Австрија ќе направи сè што може во овој регион, за регионот да добие една доверлива европска перспектива, со факти и со чекори за кои со децении Унијата и земјите-членки говорат.
Според неа, потребно е од зборови да се премине кон дела, а сега е вистинско време да се постави курсот на дејствување бидејќи Западниот Балкан е прашање на безбедноста на Европа и веродостојноста на ЕУ.
Ние не смееме да ги изгубиме од вид луѓето од Западен Балкан и како ЕУ треба сплотени да останеме заедно. Во Северна Македонија ни треба конечно нареден чекор за отворање на процесот на проширување и Австрија е тука тука на почетокот на фронтот, заклучи Едштадлер.
И таа, како и вицепремиерот Маричиќ ги потврди извонредните односи и желбата да ги продолжат понатаму и да одат во вистински правец. Министерката Каролине Едштадлер истакна дека Австрија е еден од најголемите билатерални инвеститори овде во Северна Македонија, со 241 милион евра трговска размена, додавајќи дека австриските фирми се овде, учествуваат на средбите и имаат интерес да инвестираат овде бидејќи гледаат потенцијал.