Министерот за надворешни работи, Бујар Османи вчера оствари средба со министерот за сојузни, европски и меѓународни прашања на германската сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија, Штефан Холтхоф-Фертнер.
На средбата стана збор за билатералната соработка, економските потенцијали од меѓусебната соработка, но и за надворешно – политичките актуелности во моменталниот геополитички контекст.
Соговорниците разменија мислења и за можностите кои ги нуди Заедничката декларација за соработка меѓу Владите на Република Северна Македонија и Северна Рајна – Вестфалија, која ја потпишаа министрите Османи и Холтхоф – Фертнер во февруари изминатата година, со цел подобрување на бизнис релациите и давање поттик германски инвеститори кои доаѓаат од Северна Рајна Вестфалија да инвестираат во нашата земја. Економската соработка со оваа покраина има значаен удел во севкупната економска соработка со Германија и овозможува трговската размена да е на највисоко ниво, во изминативе години.
„Ние сме подготвени и посакуваме поинтензивна секторска соработка со најнаселената германска покраина, во која живее и работи значаен дел од нашата дијаспора во Германија, и е седиште на бројни водечки индустриски и бизнис капацитети“, истакна Османи.
Министерот Холтхоф-Фертнер изрази задоволство од досегашната соработка со уверување дека истата ќе се интензивира како на политички, така и на економски план. Германскиот соговорник ја реафирмираше и покраинската поддршка која игра голема улога во системот на одлучување на сојузно ниво, за формално започнување на пристапните преговори на нашата земја со Европската унија.