Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија го поздравува успешно спроведениот попис на населението, кој Државниот завод за статистика како овластен носител на статистички истражувања го спроведе со употреба на најмодерни алатки и технологии, согласно меѓународните стандарди и критериуми на Евростат. Во тој процес, Министерството за надворешни работи го даде својот придонес во делот на попишувањето на нерезидентното население на Северна Македонија во дијаспората, за што изразуваме посебно задоволство.
Успешно завршениот попис е од големо значење за многу сегменти на функционирањето на државата и општеството, како и за обезбедување понатамошен развој, и дотолку по значаен имајќи предвид дека последниот попис во државата беше направен во 2002 година.
Во интерес на сите страни е резултатите на овој значаен реализиран државен проект да бидат поздравени и поддржани во нивната понатамошна практична употреба, а нивното политизирање подложи на тврдења кои не се засновани на оправдани и издржани аргументи и стандарди.