Завчера, во амфитеатарот на Универзитетот на Југоисточна Европа во Скопје, беше промовирана научната публикација „Правни аспекти на употребата на јазиците во Република Северна Македонија“ на авторите проф. д-р Илбер Села и м-р Лазо Матовски.
Промоцијата на научната публикација беше организирана од страна на Агенцијата за примена на јазикот на РСМ, во соработка со Правниот факултет на Универзитетот на Југоисточна Европа и Правниот факултет на Универзитетот од Тетово.
На промоцијата на публикацијата свое обраќање имаа проф. д-р Аднан Јашари, декан на Правниот факултет на Универзитетот на Југоисточна Европа, и проф. д-р Ќебир Авзиу, декан на Правниот факултет на Универзитетот од Тетово.
Исто така, свое обраќање имаа и рецензентите на научната публикација проф. д-р Јетон Шасивари и проф. д-р Афет Мамути.
На крај, свое обраќање имаа и авторите на публикацијата, проф. д-р Илбер Села и м-р Лазо Матовски.
„Водени од размислувањето да се согледаат правните аспекти на употребата на јазиците во едно поспецифично општествено поле како што е правосудството, во изминатиот период се обидовме да се осврнеме на состојбите поврзани со примената на јазиците во правосудниот систем како еден од најважните столбови на кои се заснова секоја општествена заедница. Заштитата на уставно и законски загарантираните права на граѓаните, меѓу кои и правото на употреба на својот јазик во постапките пред правосудните институции, претставува не само право, туку и потреба за нивно реално остварување на секој граѓанин што има потреба за тоа, без оглед дали граѓанинот е странка или можеби се јавува во некое друго својство во одредена постапка. Свесни сме дека постојат и низа предизвици со кои се соочува правосудниот систем, област во којашто постојано се говори за потребата од неопходни реформи што треба да ги подобрат и да ги унапредат состојбите. “ – истакна проф. д-р. Илбер Села.
„Овој труд се осврнува на материјалните и на процесно-правните аспекти на употребата на јазиците во правниот систем во Република Северна Македонија, со посебен осврт на нивната законска регулираност и употреба во правосудните органи, со осврт и на позначајни меѓународни акти што се однесуваат на употребата на јазиците и правото на јазична недискриминација. Примената на јазиците во правосудниот сектор заради остварување на заложбите за непречено и фактичко уживање на загарантираните права и слободи на граѓанинот како странка е процес исполнет со тешкотии и предизвици од објективна и субјективна природа, како и недостаток на ресурси од материјално-техничка и кадровска природа. “ – истакна м-р Лазо Матовски.
Овој настан се совпадна со одбележувањето на Денот на правосудството, имајќи предвид дека главната тематика на публикацијата е правосудниот систем и употребата на јазиците во постапките пред правосудните институции.