Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ имаше средба со Генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу.
Регионалната соработка во контекст на европската иднина на земјите од регионот, со посебен фокус на напредокот на Република Северна Македонија, реализацијата на европските реформи и приближувањето на земјата кон европските стандарди на патот кон полноправно членство во Унијата, беа меѓу темите кои Маричиќ и Брегу ги отворија на средбата.
-Добрата и континуирана регионална соработка е важна за нас и за нашата безбедност. Затоа потребна е синергија и заеднички проекти на кои ќе работиме заедно како партнери во исполнувањето на нашите обврски на патот кон ЕУ, рече вицепремиерот Маричиќ.
Во оваа насока, двајцата се согласија дека е време да се видат плодовите од досегашната посветена работа и заложби на Владата за решавање на сериозни прашања преку пријателски дијалог, кои дадоа голем придонес во зајакнувањето на стабилноста на регионот. Маричиќ и Брегу потенцираа дека иднината на регионот е во ЕУ и секое одложување на почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија ја намалува довербата на граѓаните пред сè.
Генералната секретарка Брегу посочи дека сите активности на Советот се насочени кон просперитетот на регионот преку поврзаност на земјите од Западен Балкан и зајакната регионална соработка, и покрај дозата на неизвесност која ја предизвикува воениот конфликт во Украина посветено продолжуваат да работат кон остварување на регионалните цели.
Вицепремиерот Маричиќ и генералната секретарка Брегу ги разгледаа можностите за унапредување на соработката преку конкретни нови проекти со Регионалниот совет за соработка, согласно планираните приоритети во овој период за реализација на европските реформи.