Димитровски: Време е за реосмислување на системот на локалната самоуправа и за дигитализација на услугите на општините
Министерството за локална самоуправа заедно со Секретаријатот за европски прашања и Делегацијата на Европската унија, во присуство на донаторската заедница вчера го одржа Петтиот состанок на Секторската работна група за локален и регионален развој.
– Време е после скоро две децении да се преиспита ефикасноста и ефективноста на постојниот систем на локалната самоуправа во однос на обезбедувањето на правото на локална самоуправа на граѓаните, како демократска вредност, но и влијанието на постојниот систем на локална самоуправа на обезбедувањето на услугите за граѓаните, рече заменик министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски во своето уводно обраќање.
Според Димитровски, приоритет на Министерството за локална самоуправа во наредниот период е реосмислување на законската рамка со која што се уредува областа, со акцент на Законот за локалната самоуправа, но и на другите закони. Вториот приоритет е дигиталната трансформација на општините, со акцент на дигитализирање на општинските административни услуги, за што министерството очекува поддршка и од ИПА инструментот на Европската Унија.
– Станува збор за исклучително комплексен корпус на прашања кои што се и политички сензитивни. Министерството за локална самоуправа сака процесот да го води без дневно политизирање, со спроведување на процес на широки консултации со сите засегнати страни и вклучување на домашни и странски експерти кои што ќе понудат алтернативи кои што кореспондираат со политиките и добрите пракси на Европската Унија, рече заменик министерот.
На состанокот од страна на Министерството за локална самоуправа беа презентирани приоритетите во областа локален и регионален развој кои се дефинирани во двата стратешки документи – Стратегијата за регионален развој 2021-2031 и Програмата за оддржлив развој и децентрализација 2021 – 2026.
Претставниците на донаторската заедница, Швајцарската агенција за развој и соработка, Програмата на Обединетите нации за меѓународен развој – УНДП, Агенцијата на САД за меѓународен развој – УСАИД и Европската унија се согласија за координиран пристап во финансирањето на приоритетите на локалниот и регионалниот развој во интерес на граѓаните.