Почитувани,
По прекинот од две години на сите културни и музички манифестации поради ковид пандемијата, оваа година по дванесетти пат од 4-ти до 8-ми мај ќе се одржи „Виноскоп 2022”, кој патем не беше организиран ниту во изминатите четири години, иако за скопјани претставува еден култен и урбан настан каде што граѓаните можат да уживаат во музичките изведби и убавото македонско вино.
На денешната прес конференција којашто се одржа во Град Скопје, организаторите на „Виноскоп 2022” ги промовираа музичките изведувачи и бендови кои што од 4 – 8 мај ќе настапуваат на скопскиот плоштад. Оваа година за прв пат манифестацијата ќе биде збогатена со зголемен број на винарии кои ќе ги понудат своите производи.
Во наредните пет денови скопјани ќе можат да уживаат во навистина богатата програма којашто ќе биде на репертоарот на „Виноскоп 2022”, односно да се забавуваат со музиката на домашни изведувачи и бендови, а за убавото расположение ќе придонесат и македонските винарии кои што ќе ги зачинат музичките звуци со прекрасните македонски вина.
Скопјани заслужуваат градот да има вакви убави културни манифестации и токму поради тоа Градот Скопје во наредниот период ќе стави акцент на ваквите настани, со цел подигнување на културолошкото ниво и забава достојна за граѓаните на градот Скопје, како и на сите гости од регионот кои што ќе го посетат овој преубав настан.
Извор: Град Скопје