Продлабочување на економската соработка помеѓу РС Македонија и Швајцарија и имплементацијата на тековни проекти спроведени од Министерството за финансии со финансиска поддршка од страна на швајцарската влада преку Државниот секретаријат за економски прашања (СЕЦО), беа теми на разговор на средбата помеѓу министерот за финансии, Фатмир Бесими и амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман. Воедно на средбата се разговараше и за тековната макроекономска состојба и за енергетската криза во државата.
Стана збор и за Проектот за макроекономско планирање и управување кој почнува да се имплементира во Министерството за финансии со поддршка од Програмата за балансиран регионален развој во рамки на СЕЦО. Оваа програма се имплементира преку УНДП а со финансиска поддршка од страна на Владата на Швајцарија. Се дискутираше и за Програмата за државен долг и менаџирање со ризици, којашто е во насока на подобрување на активностите што се однесуваат на процесот на управување со јавниот долг. Во таа насока, швајцарската влада дава целосна поддршка на активностите спроведени од страна на Министерството за финансии во насока на подобрување на процесот на управување со јавните финансии и даночната администрација преку финансирање проектни активности, коишто ќе бидат имплементирани со техничка поддршка од ММФ и СБ.
Амбасадорката истакна дека во иднина ќе продолжи соработката помеѓу двете држави и оти Швајцарија е еден од најголемите донатори во нашата држава.
Инаку, минатата година беше потпишан Протоколот за усогласување на Спогодбата меѓу Република Северна Македонија и Швајцарија за одбегнување на двојното оданочување, согласно новата даночна конвенција на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и стандардите на БЕПС. Со Протоколот се зајакнуваат постојните одредби за одбегнување на двојното оданочување за данокот на доход и данокот на капитал помеѓу двете земји, а истиот овозможува поголема даночна транспарентност и фер даночен третман.
Извор: Министерство за финансии