Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска се сретна со Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари.
На средбата потпишаа меморандум за соработка меѓу Министерството за труд и социјална политика и Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари во делот на заштита и унапредување на здравјето на децата и малолетните лица, младината, жените и лицата со пречки во развојот на Република Северна Македонија.
„Целта на потпишувањето на меморандумот е унапредување на здравјето и континуирана здравствена едукација, подигнување на јавната свест за користење на психоактивни супстанции од страна на децата, негување на менталното здравје во предучилишните установи и установите за социјалната заштита, значењето за заштита од сексуално преносливи болести кај младите како и совети за репродуктивно и сексуално здравје, промоција на вакцинацијата за ХПВ вирусната инфекција, безбедно планирање на бременост, адолесцентска бременост. Запознавање на младината со нивните законски права. Како и промоција на рамноправноста на половите, запознавањето со типовите на родово базирано насилство, правата како и соодветна заштита и згрижување на жртвите од сексуално насилство,“ рече Тренчевска.
Министерката изјави дека со соработката ќе се овозможи координација меѓу институциите и реализација на активности кои ќе овозможат стекнување на вештини и знаења за одговор на предизвиците кои ги наметнува современото општество.
„Превенцијата на болестите и соодветната едукација се од особено значење за сите граѓани. Потребно е да ги мапираме целните групи со кои што ќе работиме и каде што ќе постигнеме најголем успех при работата. Како министерство секогаш се залагаме да ги испорачаме услугите во вистински раце “ истакна Тренчевска.
На крајот од средбата двете страни се согласија на плодна соработка меѓу институциите со која ќе се достигне целта на потпишаниот меморандум.