Фудбалското игралиште во училишниот двор на ООУ „Киро Глигоров“, кое училиштето со договор го отстапи на користење на приватна компанија, ќе остане во постојната состојба и нема да се дава под закуп.
Овој заклучок произлезе од денешната средба помеѓу градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски и претставниците на компанијата која го имаше склучено договорот за отстапување на користење на игралиштето.
Иако постапката за отстапување на фудбалското игралиште од страна на училиштето е целосно законска и преземени се сите неопходни чекори за склучување на договорот, игралиштето нема да се дава под закуп.
„По одржаните состаноци и во консултација со органите на училиштето и закупецот на просторот, заеднички одлучивме игралиштето да го задржиме во постојната состојба, односно да се раскине договорот и да биде отворено цело време за да може децата слободно да го користат“, изјави градоначалникот Герасимовски.
Мојата идеја, изјави Герасимовски, е да помогнеме и да најдеме решение за состојбите со зголемените режиски трошоци, но сепак примарен интерес е да овозможиме среќно детство и непречено користење на игралиштето на децата кои посетуваат настава во најубавото училиште во државата, гордоста на Општина Центар – ООУ „Киро Глигоров“.
Градоначалникот додаде дека децата и нивната добросостојба се секогаш на прво место, а Општина Центар и во иднина ќе продолжи да обезбедува најдобри услови за настава и правилен развој на сите деца кои живеат во општината.
Извор: Општина Центар