Заменик претседателот на Владата на РСМ, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска како владини претставници, постојаниот претставник на УНДП, Армен Григоријан, ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, проф. д-р Абдулменаф Беџети, градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами и претседателот на Совет на Општина Гостивар, Валбон Лимани, како претставници на локалната власт, се обратија на отворањето на дводневниот Саем за вработување и кариера во Младинскиот ресурсен центар „ I Can“ во Гостивар.
Целта на настанот е директно поврзување на младите невработени лица со приватниот сектор од Полошкиот регион и пополнување на отворените работни позиции во неколку индустрии, како и поттикнување дискусија за соодветните модели за младинско активирање на пазарот на трудот.
„Јасна слика и визија за иднина е она што тие сакаат и мораат да го видат, но и да веруваат дека е можна! Визија, која мора да биде доволно јасна, конкретна и во склад со нивните потреби што ќе им овозможи со неа тие да ги идентификуваат своите амбиции и животот кој посакуваат да го живеат и ќе сакаат да го реализираат во својата држава. Токму затоа минатата година започнавме еден навистина инспиративен и сеопфатен процес на креирање документ / стратегија кој претставува заедничка визија за развојот на нашата држава и општество во претстојните две декади. За што си даваме доволно време за да овозможиме најголема можна инклузивност и транспарентност за да ги слушнеме сите кои сакаат да придонесат кон заедничкото креирање на нашата иднина.
Ова ќе резултира со креирањето на Националната развојна стратегија 2022 – 2042 година, која се надевам дека ќе им ја овозможи таа јасна слика во која секој од нив ќе може да се види и препознае. Која ќе им дава насока но и слобода, слобода која се добива само кога се чувствуваш сигурен дека позади тебе стои силна и стабилна држава во која и со која можеш да ги реализираш сите твои замисли и потенцијали. Ова е мојата мисија со која влегов во политика и поради која секое утро влегувам во канцеларија,“ рече Битиќи.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска се осврна на политиките и мерките кои Министерството за труд и социјална политика, ги реализира изминативе години, а се во насока на развивање на системски пристап во решавањето на предизвиците со кои се соочуваат младите, преку имплементација на политики за вработување и носење на посебни закони.
„Високата реализација од 94,6 % реализирани мерки на Оперативниот план за активни програми и мерки 2021 година со опфат од 11.292 невработени лица, од кои 66% се млади лица до 29 години, зборува за посветеноста на политиките насочени кон младите лица. Со цел зголемување на конкурентноста на младите невработени лица до 34 години со средно образование на пазарот на труд, овозможивме стекнување на практични работни знаења и вештини, преку мерката Практиканство. Во 2021 година вкупно 1287 млади лица или повеќе од 90% од планираниот број успешно се вклучија во мерката и се стекнаа со знаења и работни вештини во реални работни услови. Оваа година, вкупно 957 компании покажаа интерес за практиканти и аплицираа во Центрите за вработување. Досега се склучија 655 договори помеѓу компании и лица -практиканти, а склучувањето на договори продолжува и понатаму. Побарувачката за лица -практиканти од овие компании која надмина 1000 лица, ја потврдува атрактивноста на мерката Практиканство,“ рече Тренчевска.
УНДПМК е долгогодишен партнер на Министерството за труд и социјална политика во реализација на неколку активности и проекти поврзани со креирање можности за работа за сите, со посебен фокус на ранливите категории вклучително и младите.
„Со поддршка на Швајцарската амбасада во 2020 година го отворивме Младинскиот ресурсен центар со цел презентирање можности и модели за младите невработени лица и нивно поефикасно активирање на пазарот на трудот. Во таа мисија, партнерствата со различните чинители од локалните заедници се многу важни во создавање поволна почва за искористување на младинскиот потенцијал и креирање атмосфера за нови и подобри работни места, “ изјави Армен Григорјан, Постојаниот преставник на Програмата за развој на Обединетите нации во земјава.
Дводневниот саем за вработување и кариера, организиран од Младинскиот Ресурсен центар, претставува одлична можност за поврзување на универзитетите, претприемачите и младите, односно трасирање на патот на младите од дипломирањето кон вработувањето.
Извор: Влада