– На овој ден, кога ги одбележуваме Меѓународниот ден на децата и Меѓународниот ден на згрижувачките семејства, 1 Јуни, имаме заедничка, крајно хумана цел. Да се заблагодариме на сите семејства кои се веќе вклучени во системот на згрижувачки семејства и кои покажуваат најголема човечка доблест својата љубов и внимание да им ја подарат на нашите најмали и да им помогнат да зачекорат во животот со безрезервна поддршка за сите предизвици што ќе ги очекуваат. Хуманата мисија на овие луѓе е непроценлива за оние на кои им е најпотребна нашата помош, но и за целото наше општество кое тежнее да биде похумано – истакна денеска градоначалничката Арсовска во своето обраќање пред присутните.
– Заедно работиме за да ја подигнеме јавната свест за важноста на згрижувачките семејства. Во Градот Скопје имате партнер и поддршка за сите ваши активности, зашто грижата и поддршката за ранливите групи граѓани е приоритет во нашето работење, а особено сме посветени на грижата за децата без родители и за лицата со посебни потреби. Затоа, ја користам оваа можност уште еднаш да повикам што поголем број семејства да се вклучат во системот на згрижувачки семејства и да пружат топол дом, безбедност и љубов на некое дете. Не постои поголема и похумана мисија во животот од таа да подадеме рака и да промениме нечиј живот – нагласи Арсовска.
Со кампањата „Подај рака, промени живот – стани згрижувач“ се очекува да се зголеми свесноста за згрижување деца без родителска грижа и да се зголеми бројот на потенцијални згрижувачи, а во исто време да се креира достапна мрежа на згрижувачки/роднински семејства низ целата територија на државата.