spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаСеверна Македонија и Турција продолжуваат со одлична билатерална и економска соработка

Северна Македонија и Турција продолжуваат со одлична билатерална и економска соработка

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска во Истанбул оствари средба со претседателот на Република Турција Реџеп Таип Ердоган.

На средбата, на која присуствуваа и министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заеднички беа констатирани традиционално добрите и пријателски односи помеѓу двете држави, кои оваа година одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи.

Премиерот Ковачевски на средбата со турскиот претседател Ердоган го изрази задоволството од споделувањето исти цели за безбедноста и стабилноста во регионот за што клучни фактори се добрососедски односи и регионална соработка, со фокус на економската соработка и подобрување на инфраструктурната поврзаност.

Односите меѓу двете земји, истакнаа на средбата Ковачевски и Ердоган, се одлични во полето на економската соработка.

Трговската размена со Турција е во постојан пораст и од 8-то место во 2020 година, во првите три месеци од 2022 година оваа земја го зазеде 6-тото место на листата најзначајни трговски партнери на Северна Македонија.

На средбата беше потенцирано дека очекувањата се годинешната трговска размена од 900 милиони долари, да достигне една милијарда долари и да обезбеди продлабочување на економската соработка меѓу двете земји. Според вкупните инвестиции од Турција во нашата земја таа е во редот на првите пет земји по вкупниот прилив на странски инвестиции.

Премиерот Ковачевски му се заблагодари на претседателот Ердоган за поддршката во процесот на пристапувањето на Северна Македонија во НАТО, која од аспект на актуелната геополитичка ситуација со руската воена агресија во Украина се покажа како драгоцена придобивка за сигурноста и безбедноста на земјата и на регионот.

Северна Македонија и Турција, потенцираа во меѓусебниот разговор Ковачевски и Ердоган, ја продолжуваат исклучително добрата соработката меѓу Министерства за одбрана на двете земји во однос на модернизацијата на Армијата на Северна Македонија, како и во областа на воената обука и едукацијата, но и заедничкото учество во мировни операции и вежби.

Премиерот Ковачевски му упати покана на претседателот Ердоган да ја посети нашата земја, како продолжение на сите други посети на високо ниво и за охрабрување на бројните проекти што се преземени за дополнително унапредување на односите меѓу Северна Македонија и Турција.

 

 

 

Извор: Влада

Прочитајте