spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаСо Националната стратегија обезбедуваме еднакви можности за лицата со попреченост, што е...

Со Националната стратегија обезбедуваме еднакви можности за лицата со попреченост, што е наш врвен приоритет

 

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски денеска се обрати на работилницата за подготовка на „Националната стратегија за правата на лицата со попреченост”.

Во овој процес се вклучени Министерството за труд и социјална политика како носител на „Националната стратегија за правата на лицата со попреченост“, Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, како иницијатор на процесот на изработка на стратегијата, организациите на лицата со попреченост и родителските организации, Народниот правобранител, Здружението на единици на локалната самоуправа (ЗЕЛС), трите најголеми стопански комори и други социјални претпријатија познати како модел за работна интеграција, како и Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).

Работилницата има за цел врз основа на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост да ја подготви „Националната стратегија за правата на лицата со попреченост“ со краткорочни, среднорочни и долгорочни активности со фокус на конкретни мерки за поддршка на лицата со попреченост.

 

Во продолжение на ова соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Ковачевски во целост:

„Ми претставува посебна чест да бидам тука со вас затоа што започнуваме еден процес од исклучителна важност за лицата со попреченост и заради фактот што Владата на Република Северна Македонија е сојузник на овие наши сограѓани.

Подготовката на „Национална стратегија за правата на лицата со попреченост” сведочи за нашата трајна определба да обезбедиме правично и достоинствено учество на лицата со попреченост во секојдневниот живот и во сите сфери на општеството.

До оваа фаза на почетокот на подготовката на „Националната стратегија за правата на лицата со попреченост“ претходеа бројни активности на Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на Обединетите Нации за правата на лицата со попреченост при Владата на Република Северна Македонија и на Министерството за труд и социјална политика како носител на Стратегијата.

Во име на Владата на Република Северна Македонија дозволете ми да изразам голема благодарност за искажаната подготвеност на Германското Друштво за Меѓународна Соработка (ГИЗ) и на тимот на Агенциите на Обединетите Нации за поддршката на еден исклучително значаен системски процес за изработка на овој документ за унапредување на правата на лицата со попреченост во Република Северна Македонија, за заедничко креирање на овој стратешки документ преку широка соработка со организациите на лица со попреченост, клучните надлежни институции и другите засегнати страни.

Низ координирани активности за институционална поддршка за спроведување на конвенцијата се воспостави рамка која вклучи независни механизми за промовирање, заштита и следење на спроведувањето конвенција согласно препораките на ОН.

Владата што ја предводам им овозможи на сите лица со попреченост запишани на прв, втор и трет циклус на студии на јавните високообразовни установи, да бидат ослободени од партиципација, од наредната учебна година.

Со тоа им овозможуваме на овие наши сограѓани да ги остварат сопствените потенцијали и личен развој на еднаква основа со сите други граѓани и да ги развиваат своите компетенции согласно сопствениот избор.

Во делот на образованието, за основните училишта со ресурсни центри обезбедивме средства за набавка на опрема и дидактички средства како поддршка на инклузивното образование.

Во рамки на програмата „Биди ИН, биди инклузивен, биди инклудиран“, доделени се и 287 стипендии за деца со попреченост коишто се вклучени во редовното образование, за прво и второ одделение за поддршка на учениците со пречки во развојот и на нивните семејства.

Дополнително, преку Министерството за образование и наука беа ангажирани 500 персонални асистенти за учениците со попреченост, а се вработени 49 специјални едукатори и рехабилитатори во основните редовни училишта и училиштата со ресурсни центри во насока на поддршка на учениците со попреченост и на наставниот кадар.

И тоа дава резултати.

Во споредба со 2020/2021, во учебната 2021/2022 година зголемен е бројот за новозапишани ученици со попреченост за 4,5%.

Оваа бројка не е максималната којашто сакаме да ја постигнеме, но секако охрабрува и поттикнува заеднички да ги уриваме стереотипите и да им ја дадеме шансата на овие деца да ги остварат своите потенцијали и да бидат еднаков дел од нашето општество.

Стипендирањето на учениците со попреченост продолжува и во средното образование и за тукушто завршената учебна година беа доделени 100 стипендии за ученици со попреченост од јавните и приватните средни училишта.

Како дел од приоритетите во оваа сфера беа и активностите за асистенција на ранливите категории и на лицата со попреченост коишто се реализираа во 27 општини. Вклучивме околу 200 невработени лица за поддршка и грижа на над 1.500 лица со попречености.

Воведовме право за надоместок за лица со интелектуална попреченост. Го зголемивме надоместокот за скратено работно време до 50 % од просечна плата. Сите деца се извадени од институциите и се згрижени во групни домови. Ја гарантираме персоналната асистенција и услугата за одмена во домот.

Денеска со особено задоволство сакам да најавам дека од 2021 година услугата лична асистенција е достапна и за децата со потешка и најтешка физичка попреченост или со целосно оштетување на видот.

На барање на семејствата на децата со попреченост, ја намаливме возраста кога личната асистенција станува законско право – од претходните осумнаесет на шест години.

Со тоа им овозможуваме на децата со попреченост подобри услови за да се стекнат со образование, да играат, да се социјализираат и да растат на еднаква основа со нивните врсници. За нивните семејства, правото на лична асистенција значи дополнителна поддршка во справувањето со секојдневните предизвици при грижата за дете со попреченост.

Дадовме целосна поддршка на процесот и преку реформирање и отворање на нови здравствени центри за рана интервенција во кои од најраната возраст ќе се следи развојот на децата кај кои постојат и најмали индикации за постоење попреченост или други развојни потешкотии. Во континуитет се спроведуваат активностите за подигање на свеста на здравствените работници и за зајакнување на капацитетите на јавно здравствените установи како одговор на потребите на лицата со попреченост.

Не запираме тука.

Овој процес, како и досега останува максимално инклузивен. Во подготовката на „Национална стратегија за правата на лицата со попреченост” главен збор имаат директно засегнатите.

И оваа работилница е дел од остварувањето на овие наши приоритети за поддршка на лицата со попреченост.

Ве уверувам дека ги движиме работите во вистинска насока, и дека како одговорни носители на политики, ќе продолжиме да правиме сѐ за лицата со попреченост и секогаш заедно со нив.

Ги повикувам сите засегнати институции да ја покажат својата посветеност во овој процес и активно да учествуваат во изработката на овој значаен стратешки документ за нашата земја. Сакам да нагласам, дека посебно е важно е активностите кои ќе бидат планирани во Акцискиот план на Стратегијата да бидат сфатени сериозно и со голема доза на професионалност и посветеност да бидат спроведени.“

 

 

Извор: Влада

Прочитајте