Заменик министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин присуствуваше на промоцијата на сензорна соба во дневниот центар за лица со интелектуална и телесна попреченост во Виница.
“Како што покажавме изминатиот период посветено работиме на унапредување на животниот стандард на лицата со попреченост. На Владата и Министерството за труд и социјална политика, овие лица се високо на агендата. Преземаме мерки и активности кои што оневозможеноста ќе ја претворат во можност и ќе обезбедат исполнување на целосниот потенцијал на лицата со попреченост”, рече заменик министерот Хусејин.
Преку барањето по јавниот оглас за финансирање на проекти за изградба, проширување, реконструкција и адаптација на капацитетите за дневно згрижување и капацитетите за давање на социјална услуга со средства од Буџетот на Министерството за труд и социјална политика во центарот направена е реконструкција и уредување на просторот од страна на Општината и опремување на сензорна соба со инвестиција со вкупна вредност од 515.396,20 денари со вклучен ДДВ од страна на Министерството за труд и социјална политика.
“Секој што работел со лица со попреченост или на било каков начин е дел од нивното секојдневие ги знае придобивките од една ваква инвестиција”, потенцираше заменик министерот за труд и социјална политика.
Со отворањето на сензорната соба ќе се овозможи подобра социјализација и интеграција на лицата со попреченост во образовниот систем и во општеството.
Покрај заменик министерот Хусејин, свои обраќања имаа и директорката на ЈУ Центар за социјална работа Виница, Сузана Костадинова и градоначалникот на Виница, Миле Петков.