Со одлука на Владата, а на предлог на Министерството за образование и наука од месец септември во општина Арачиново се основа уште едно основно училиште кое ќе го носи името “Абдил Фрашери“ и ќе организира настава за ученици од прво до деветто одделение.
Целта е растеретување од работа на постојното училиште „Ѓерѓ Кастриот – Скендербеу“ кое е едно од најголемите во државата и обезбедување на поквалитетна настава за основците во оваа општина, чиј број постојано се зголемува.
Комисија формирана од страна на министерот за образование и наука Јетон Шаќири, веќе констатираше дека новото училиште ги исполнува сите законски одредби и стандарди кои се однесуваат на просторните услови и наставниот, стручниот и техничкиот кадар и може да започне со работа од учебната 2022-2023 година.
Новиот правен субјект, односно училиштето „Абдил Фрашери“ кое се формира на иницијатива на советот на општината, ќе функционира во објект кој досега беше надлежност на ОУ „Ѓерѓ Кастриот Скендербеу“, од каде ќе бидат преземени 80тина вработени. Училишниот објект располага со вкупна нето површина од над 2300 квадратни метри со 22 училници, наставничка и други канцеларии, спортска сала со соблекувална, соодветен санитарен простор, надворешни помошни простории и двор од 7100 квадратни метри.
Новата учебна година во ова училиште ќе ја започнат 1132 ученици од прво до деветто одделение во 46 паралелки. Од нив, 972 ученика ќе посетуваат настава на албански јазик во централниот објект и тоа во 36 паралелки, додека во подрачното училиште во с.Орланци ќе има 160 ученици во 11 паралелки од кои 155 ученици на албански наставен јазик во 10 паралелки и 5 ученици на македонски наставен јазик во 1 комбинирана паралелка.
Министерството за образование и наука верува дека општина Арачиново под чија надлежност ќе биде училиштето заедно со училишното раководство и вработените добро ќе го менаџира воспитно – образовниот процес и ќе овозможи континуирано подигнување на квалитетот на наставата, што ќе значи создавање на што поквалитетни ученички генерации во иднина.
Посакуваме успех во работата и уверуваме дека МОН ќе биде силна поддршка во работата на училиштето и на општината во областа на образованието.