По повод почетокот на проектот „Спорт за сите“ финансиран од Град Скопје и Здружението за промовирање на општествената одговорност „Урбан Свет“ се одржа мини натпревар на спортските терени во ЈУ Завод за рехабилитација на деца и младинци во Топанско поле.
На настанот беа присутни и Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, како и Претседателството на Здружението, Ана Петровска и Игор Тантуровски.
Преку проектот направена е донација од спортски реквизити и материјали кои позитивно ќе влијаат на секојдневието на корисниците во заводот и ќе придонесат за нивна социјална интеграција и рекреација за време на активностите.
„Секојдневно работиме на унапредување на квалитетот на живот на нашите корисници. Ваквите донации од граѓанскиот сектор придонесуваат кон обезбедувањето на материјали за успешно и напредно извршување на активностите од страна на вработените, а соодветно на попреченоста која што ја имаат корисниците“, рече директорката на ЈУ Завод за рехабилитација на деца и младинци, Асие Пашоли.
Таа посочи дека ваквата донација ќе придонесе за развој на фината и грубата моторика на корисниците, како и за нивна поголема меѓусебна интеракција која позитивно ќе влијае и на нивниот емотивен, когнитивен и социо-емоционален развој.
„Во рамките на проектот кој што започна на 1 јуни „Спорт за сите“ и ќе трае 6 месеци, планирани се повеќе од 10 активности во кој што ќе ги користиме набавените реквизити, кои ќе останат во сопственост на Заводот за рехабилитација на деца и младинци“, појасни Претседателот на Здружението „Урбан Свет“, Ана Петровска.
Таа истакна дека целта на активностите на „Урбан Свет“ е подигање на свеста на општеството за лицата со попреченост и дека како дел од граѓанскиот сектор самоиницијативно ја пружиле својата помош на Заводот за апликацијата на проектот со што ќе се овозможи квалитетно исполнети активности на корисниците.
На настанот, покрај вработените од Заводот за рехабилитација на деца и младинци, учествуваа и волонтери од „Урбан Свет“, како и волонтери на општинската организација на Црвениот Крст од Чаир.