Државната секретарка за европски прашања, Дрита Абдиу – Халили на 29.-30.8.2022 година учествуваше на конференцијата Денови на меѓународните технички експерти која се одржа во Париз, Франција.
Во обраќањето на Конференцјата, Абдиу – Халили ја истакна важноста на досегашната соработка со Република Франција, пред сè во доменот на обука за државната администрација преку споделувањето искуства од страна на француската администрација, која трае повеќе од две децении.
-Соработката со Р. Франција во најголема мерка во изминатите децении се однесува на јакнењето на административните капацитети на нашата администрација и инвестиција во човечкиот капитал преку пренесување на француските искуства и моделот на функционирање на француската администрација, под ЕУ предзнак и во светло на тековните развои во Европа и светот, рече Абдиу – Халили.
Според неа, француската поддршка е цврсто вградена во процесот на модернизирање и обука на администрацијата и како што посочи во обраќањето, основата на оваа соработка беше воспоставена преку првиот Договор за културна, образовна, научна и техничка соработка кој е потпишан на 29 јануари 1998 година меѓу владите на двете земји, а стапи во сила на 1 јануари 1999 година и претставува основа за развивање на долготрајна програма наречена „Formacion Administratif Superior“ – Висока административна обука.
Во рамки на Високата административна обука преку три договори беа обучени вкупно 10 генерации на државни службеници. Од 2010 година, Секретаријатот за европски прашања е корисник на посебен аранжман за добивање експертиза, со тоа што неколку години е домаќин на еден француски експерт кој работи со Секретаријатот и други министерства и агенции на теми поврзани со ЕУ, многу релевантни за нашиот процес на усогласување со ЕУ, посочи Абдиу – Халили.
Државната секретарка за европски прашања изрази очекување за успешно продолжување на соработката со Франција, особено во овој период на отпочнување на преговорите за членство во ЕУ, кога е неопходно дополнително зајакнување на капацитетот на нашата администрација за водење на преговарачкиот процес.