Инвестиции во зелена транзиција на малите и средни компании преку нови 100 милиони евра од ЕИБ преку Развојната Банка на РС Македонија, интерконекторот со Грција, железничките делници од Коридорот 8, како и останатите проекти со фокус на зелена економија беа тема на денешната средба на министерот за финансии, Фатмир Бесими и директорот на канцеларијата на Европската инвестициска банка во Скопје, Бјорн Габриел. Европската инвестициска банка е една од најголемите финансиери на зелена економија во светот, а во моментов нејзината поддршка во проекти на јавниот сектор во нашата држава изнесува 246,9 милиони евра.
Новите 100 милиони евра за малите и средни компании, како што беше истакнато, се очекува да бидат достапни до крајот на годинава.
На состанокот беше разговарано важноста на тековните и идните проекти финансирани од ЕИБ, како што се пречистителната станица Скопје, третата фаза од железницата од Коридорот 8 кон Бугарија како и за железничката делница од Коридорот 8, од Кичево кон Струга, за што банката изрази интерес да биде водечка финансиска институција за подготовката на овој проект.
Министерот Бесими истакна дека во моментов најголем приоритет е справување со енергетската криза при што покрај мерките коишто се преземаат за ублажување на ефектите, важно е да се инвестира во проекти со трајна вредност.
„Владата е посветена на инвестиции во зелената транзиција и промената на енергетската структура во земјата што ќе обезбеди сигурност во снабдувањето со енергетски ресурси со фокус на обновливи извори. Потребно е забрзување на реализацијата на предвидените проекти за кои се обезбедени финансиските средства“, истакна Бесими и додаде дека треба да се креираат политики што ќе овозможат нашата економија да стане одржлива, модерна и посилна од претходно.
Директорот на ЕИБ во РС Македонија, Бјорн Габриел, ја потврди поддршката на банката во остварувањето на нашите цели и реформи согласно политиките на ЕУ и дополнително посочи дека банката е спремна во наредниот период да ја разгледа можноста за дирекна поддршка на компаниите од приватниот сектор.
Вкупно од 1991 година досега ЕИБ ја има поддржано нашата економија со над една милијарда евра инвестиции во клучни инфраструктурни проекти како и за поддршка на мали и средни компании.
Извор: Министерство за финансии