Министерот за надворешни работи Бујар Османи учествуваше на неформалниот состанок на министрите на надворешни работи на Централно европската инициатива (ЦЕИ), кој се одржа на маргините на 77 – та сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
За време на обраќањата на претставниците на земјите-членки, фокусот беше ставен врз руската воена агресија врз Украина и начинот на кој ЦЕИ може да ѝ помогне на оваа земја. Се разговараше и за модалитетите како иницијативата може да пристапи кон актуелните предизвици директно поврзани со војната – енергетска криза и нарушувањето на синџирот на снабдување.
Во таа насока, министерот Османи повика на вклучување на земјите од Западен Балкан во заедничките механизми на ЕУ за справување со економските, финансиски и енергетски последици од инвазијата врз Украина. Како позитивен пример, во тој поглед, ги посочи одлуките на Владите на Бугарија и Грција да помогнат на Северна Македонија да го преброди недостатокот на енергенти.
Османи се осврна и на проширувањето на ЕУ, за кое нагласи дека треба да се гледа како „најадекватна инвестиција за безбедноста на самата Унија и Европскиот континтент во целина“.
Извор: Министерство за надворешни работи