Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини присуствуваше на Балканската работилница за проширена одговорност на производителите зауправување со отпад од пакување, што во организација на “EXPRA” – меѓународна асоцијацијата на колективни постапувачи за отпад од пакување и ПАКОМАК, како нејзина членка, се одржува денес и утре во Скопје.
Работилницата е посветена на размена на искуствата во поставувањето, развивањето и функционирањето на шемата за преработка и рециклирање на отпадот од пакување со која се ослободуват индустриските компании и трговските претпријатија од нивната индивидуална обврска да ги вратат искористените продажни пакувања. Со оваа шема се цели кон управување со отпадот од пакување на економски најефикасен и еколошки најздрав начин.
Потсетувајќи дека минатата година, во рамки на реформите на правната регулатива, е донесен пакет од 6 нови закони што се ориентирани кон принципите на циркуларна економија, превенција на отпадот, односно реупотреба, преработка и рециклажа министерот Нуредини истакна дека новодонесениот Закон за проширена одговорност на производителот дава силни аргументи за воспоставување на ваква шема за одговорност на производителите и е важна алатка за изградба на функционални системи за управување со отпад.
„Ние се обврзавме да инвестираме голем дел од средствата собрани од производителите во инфраструктура за селекција на отпадот со што ќе им помагаме на граѓаните кога станува збор за примарна селекција. Граѓаните и општините ќе ги информираме за ефектите од примарната селекција на отпадот дека колку повеќе селектираме отпад, толку помала количина на отпад завршува во депонија. Во новиот закон е вклучена и нова цена за пластични кеси, односно 15 денари за една кеса. Овие пари одат исклучително во фонд на Министерството за животна средина и просторно планирање и истиот е транспарентно објавен и достапен за сите граѓани, рече министерот Нуредини, додавајќи дека до крајот на јуни оваа година во фондот се собрани над еден милион евра, со очекување дека истите ќе бидат дуплирани до крајот на годината.
Средствата од собрани од продажбата на пластични кеси во земјата ќе бидат наменети во поставување на нова инфраструктура за селекција на отпадот ширум државата.
„Тоа значи поставување на нови 5000 контејнери за селектирање, а остатокот од средствата ќе биде наменет за едукативни кампањи за кревање на јавната свест за примарна селекција на отпадот и рециклирање на истиот”, дополни тој.
На прашањето на новинарите дали смета дека граѓаните ќе го селектираат отпадот во своите домови, министерот Нуредини одговори дека доколку државата и локалните власти ги обезбедат потребните услови, сигурен е дека граѓаните ќе ја остварат својата обвска и ќе го селектираат отпадот.
Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање