Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Никица Бачовски и раководителот на подрачната единица при МЗШВ – Прилеп Зоран Пачешкоски беа во посета на земјоделци од прилепскиот регион кои се корисници на мерката ,,зелена нафта” .
Над 1.616 корисници кои се активни земјоделски стопанства од прилепскиот регион ќе добијат картички за точење на еуродизел за земјоделска механизација. Поддршката за субвенционираното гориво е во висина од 10.754.594,00 денари.
“Мерката за субвенционирање на горивото за земјоделска механизација е одличен механизам за намалување на влезните трошоци на земјоделците за обработување на нивните земјоделски површини. Над 49.807 земјоделци од целата држава ќе добијат т.н ,,зелена картичка” , а за оваа финансиска поддршка Владата и МЗШВ преку програмата за директни плаќања која ја имплементира Платежната агенција обезбедија 252,058.490 денари,, – информира директорот Бачовски.
Висината на поддршката зависи од видот на културата и големината на површината која е пријавена во барањата за финансиска поддршка. Корисници се полјоделците, овоштарите, лозарите и градинарите, а поддршката по култури е следна :
За пченица, јачмен, пченка,`рж, овес, ориз, тритикале, хељда, сирак и просо поддршката изнесува 1.413 денари по хектар
За хмељ, лен, леќа, кикирики, соја, сончоглед, маслодајна репка, добиточна репка, афион, шеќерна репка, памук, граор, еспарзета, добиточен грашок и наут (слануток) и луцерка поддршката изнесува 2.119 денари по хектар
За домати, пипер, лубеница, диња, тиква, грав, боранија, грашок, рукола, компир, краставици, корнишони, зелка, кељ, кромид, лук, праз, тиквички, зелена салата, брокула, спанаќ, карфиол, модар патлиџан, морков, целер, цвекло, пашканат, аспарагус, ротквици, цвеќе, култивирани лековити, ароматични и зачински растенија како и за лозови насади поддршката изнесува 4.238 денари по хектар
За јаболко, круша, слива, праска, вишна, кајсија, цреша, јагода на отворено, малина, капина и боровинка поддршката изнесува 5.273 денари по хектар
За дуња, мушмула, актинидија, маслинка, калинка, јапонско јаболко, смоква, аронија, шип, рибизла, гоџи бери, бадем и лешник поддршката изнесува 3.766 денари по хектар
За ореви и питоми костени поддршката изнесува 2.636 денари по хектар
Со картичката не може да се подигаат пари или да се купуваат други производи. Картичката може да се користи повеќекратно се до исцрпување на средствата. По првото точење на гориво, земјоделците добиваат сметка на која може да видат уште колку средства имаат на располагање на картичката.
Извор: Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој