Државниот секретар во министерството за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова вчера присуствуваше на настанот на кој беа промовирани теренските возила и личната опрема кои му беа доделени на управувачот со Заштитениот предел (ЗП) – Осоговски Планини и ЗП Малешево, ЈП “Национални шуми”.
Осоговските планини во 2020 година беа прогласени за заштитено подрачје во категорија V – заштитен предел, заради разновидноста и богатството на биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејзажните, пределните и други вредности, како и специфичната интеракција на луѓето и природата.
Државниот секретар Шукова истакна дека прогласувањето на Осоговските Планини за заштитен предел, веќе покажува резултати и игра важна улога во одржување и зачувување на природните вредности на Осоговските Планини.
Процесот за прогласување на Осоговските Планини за заштитено подрачје се водеше во рамки на Програмата за зачувување на природата (ПЗП), проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), а беше координиран од „Фармахем“ од Скопје. Локалната експертиза во процесот е на Македонското Еколошко Друштво, МЖСПП и целните општини Берово и Пехчево.
На денешниот настан беше презентиран и процесот за воспоставување на телото за управување со ЗП Осоговските Планини.
Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање