Економско-социјалниот совет денеска одржа седница со која претседаваше министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, како претседателка на ова тело.
На денешната седница, се дискутираше по неколку точки, даночната реформа, годишниот Извештај за работата и функционирањето на Економско-социјалниот совет за 2021 година, иницијатива за ратификација на три конвенции на МОТ за БЗР во три сектори – рударство К176, градежништво К167 и земјоделство К184 и барањето за надминување на последиците предизвикани од високите сметки за електрична енергија во компаниите.
На седницата на ЕСС, освен членовите на ЕСС учествуваа и претставници на нерепрезентативните синдикати и бизнис конфедерацијата на Македонија. Покрај редовните точки од дневниот ред, во фокусот на седницата беа антикризните мерки на Владата, како и предлог мерките од страна на социјалните партнери, кои понатаму по нивно допрецизирање, по заклучок на ЕСС ќе бидат доставени на разгледување од страна на Владата.
Со оглед на актуелните состојби во државата, министерката на членовите на ЕСС им изрази уверување дека седниците на ЕСС во периодот кој доаѓа ќе се реализираат зачестено.
Извор: Влада