Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, денеска, учествуваше на виртуелниот настан на кој Делегацијата на Европската Унија достави демарши во однос на престојната годишна Конференции на страните потписнички на Конвенцијата за климатски промени (COP27, од 6 до 17 ноември, Египет), Конференција на ОН за биолошка разновидност (COP 15, од 7 до 19 декември, Канада) и 19-тата Конференција на потписниците на Конвенцијата за меѓународна трговија со загрозени видови на дива фауна и флора (CITES CoP 19, 14 до 15 ноември, Панама).
Демаршот за климатска дипломатија првенствено имаше за цел да се поттикне тековниот дијалог меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за климатските промени и енергетската транзиција, врз основа на заклучоците на Советот на ЕУ за „Климатската дипломатија на ЕУ: забрзување на спроведувањето на резултатите од тригодишниот дијалог од Глазгов “.
Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини во своето обраќање ја реафирмира поддршката на нашата држава кон позициите на ЕУ. Тој нагласи дека нашите политики и ставови се трасирани и дека и покрај енергетската криза која што е глобална, нашите позиции се цврсти. Со Ревидираниот национален придонес кон Договорот од Париз поставивме амбициозни национали цели да се намалат емисиите на стакленички гасови за 51% во споредба со емисиите во 1990 година (тоа би значело намалување од 82% на нето емисиите на стакленички гасови). За постигнување на таа цел изработени се 63 мерки за секторите енергетика, земјоделство, шумарство и други употреби на земјиштето и управување со отпад.
Министерот Нуредни го спомена и Законот за климатска акција кој што е во изработка и додаде и дека нашата држава ќе биде првата договорна страна во рамките на Енергетската заедница која ќе ја транспонира приспособената Регулатива за управување и Регулативата за имплементација во националниот правен систем преку новиот Закон за климатска акција. Ова ќе создаде одржливи и транспарентни механизми за следење, известување и верификација на политиките и мерките за ублажување и прилагодување.
Наша цел е да овозможи применливост на Законот односно усвојувањето да бидеврзано со поготвеноста на сите опфатени сектoри за негово спроведување.
Што се однесува на Глобалната рамка за биолошка разновидност, се очекува истата да поттикне итна и трансформативна акција за запирање и враќање на загубата на биодиверзитетот за да се постигне целта- свет позитивен за природата до 2030 година. CITES CoP 19 многу придонесува за оваа остварување на крајната цел на CoP 15, преку подобрување на заштитата на видовите од неодржливата или илегална меѓународна трговија.
Истакнувајќи дека нашата држава доби позитивното мислење во последниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија во областа на заштитата на природата, министерот Нуредини додаде дека сме на вистинскиот пат кон остварување на глобалните цели за зачувување на природата и целите зацртани во Конвенцијата за биолошка разновидност (CBD), и трансформација на односот на општеството кон биолошката разновидност.
Исто така, тој изрази и уверување дека нашата држава активно продолжува со активностите за заштита на природата, за идентификација на нови НАТУРА 2000 подрачја и за спречување на трговијата со загрозени видови на флора и фауна.
Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање