Заменик претседателот за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ, после завршувањето на првиот дел од билатералниот состанок за Поглавјето 5, „Јавни набавки“, кое е во рамки на Кластерот 1, „Фундаментални вредности“ изјави дека македонскиот преговарачки тим имал одличен почеток на билатералниот скриниг, со јасни и добро подготвени презентации, препознаени и од Европската комисија.
Интегралниот текст од изјавата од Брисел во продолжение:
„Денес имаме големо задоволство да го започнеме првиот состанок на билатералниот скрининг, овој пат за поглавјето „Јавни набавки“, во рамките на кластерот „Фундаментални вредности“.
Имавме одличен почеток на билатералниот скрининг, со многу јасни и прецизни, концизни презентации од наша страна, коишто беа пофалени и препознаени од експертите на Европската комисија.
Покрај деталните презентации коишто ги направивме на полето на законската и институционалната рамка за Јавни набавки на Република Северна Македонија одговаравме и на прашања на Комисијата и покажавме високо ниво на подготвеност.
Ова е за нас поттик да продолжиме понатаму и што побрзо и што поуспешно да ги завршиме скрининг состаноците. Тоа ќе ни даде една целосна слика колку сме успешни, каде имаме уште многу работа, и во кој временски рок можеме да ги заклучиме преговорите.
Имаме многу енергија, имаме многу знаење и многу работиме за да дојдеме до зацртаната цел – членство во Европската Унија до 2030 година“, вели вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со ЕУ, Маричиќ.
Денеска во Брисел започна билатералниот скрининг со состанокот за Поглавјето 5, „Јавни набавки“, а заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ, ќе го предводи македонскиот преговарачки тим.
На првиот состанок од билатералниот скрининг исто така присутни се и заменик преговарачот и државен секретар Дрита Абдиу- Халили и Зулфи Исмаили амбасадор во постојаната Мисија на Северна Македонија при ЕУ со седиште во Брисел.
Членовите на Работната група за Поглавје 5, на билатералниот скрининг состанок, им ја претставија на експертите од Европската комисија македонската законодавна рамка и нивото на усогласеност со правото на ЕУ во ова поглавје од преговарачкиот процес.