Заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање, Христина Оџаклиеска учествуваше на 113-та Сесија на Советот на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), која се одржува во Женева, во периодот од 29 ноември до 2 декември 2022 г.
Таа имаше свое обраќање во рамки на сегментот на високо ниво чиј фокус беше на поврзаноста меѓу климатските промени, безбедноста на снабдувањето со храна, миграцијата и раселувањето.
– Нашата држава е особено ранлива на климатските промени, како и на екстремните неповолни климатски појави. Најзагрозени сектори се секторот вода, земјоделство шумарство и биодиверзитет. Сепак, Република Северна Македонија ја препознава потребата за справување со ефектите од климатските промени и промовира ефективни мерки за адаптација кои се однесуваат на клучните ранливи сектори – истакна заменик министерката Оџаклиеска.
Таа објасни и дека во изминатиот период се направени истражување и мерења и на изложеноста, чувствителноста и адаптивниот капацитет во различните региони и општини во државата. Наодите покажаа дека капацитетот на општеството и на граѓаните да се справат со ефектите од климатските промени не е подеднакво распределен и варира во зависност од општините.
– Мерките за справување, за помош, едукација и за таргетирано делување на државните органи треба да ја земат предвид нееднаквата распределба низ различните региони, како и бројот и адаптивноста на засегнатото население во различните општини – рече Оџаклиеска.
На крај, таа нагласи и дека нашата држава останува посветена на конципирање и спроведување на соодветните стратегии за справување со оваа проблематика во нашите стратешки документи, особено во областа на адаптација на земјоделскиот сектор кон климатските промени.
113-та сесија на Советот дава можност да се дискутира за влијанијата на климатските промени врз безбедноста на храната, како и за влијанието на раселувањето врз идните системи за управување со миграцијата, со цел да се идентификуваат средствата со кои ќе се осигура дека државите можат ефективно и ефикасно да реагираат во корист на сите засегнати граѓани.
Дискусијата се базира на напредокот постигнат на Дваесет и седмата сесија на Конференцијата на страните на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (COP27), и ги зема предвид реакциите на земјите-членки во однос на Декларацијата за остварениот напредок на првиот Меѓународен форум за преглед на миграцијата во врска со „влијанието на финансиските и економските кризи, сиромаштијата, здравствените вонредни состојби и безбедноста на снабдувањето со храна врз меѓународната миграција и мигрантите, како и природните катастрофи, негативните ефекти од климатските промени и деградацијата на животната средина“.
Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање