Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ денес на средбата со амбасадорката на САД во земјава, Н.Е. Анџела Агелер разговараше за соработката со САД како наш стратешки партнер во областите поврзани со европските реформи и за можностите за насочување и зајакнување на соработката во реализација на националните стратешки приоритети.
– Соединетите Американски Држави како наш стратешки партнер се силен сојузник и ние сме благодарни за континуираната политичка и економска помош. Од почетокот на 90-тите години САД ѝ помагаат на нашата земја во различни области со речиси 1 милијарда американски долари, што покажува стабилна континуирана посветеност на целокупниот развој на нашата земја, истакна Маричиќ на почетокот на средбата.
Вицепремиерот Маричиќ и амбасадорката Агелер разговараа за областите во кои е потребно продолжување на поддршката од САД во насока на спроведување на европските реформи пред сè, за кои Агелер рече дека може да сметаме на помош од САД во нивното спроведување.
– Досега се вложени големи напори и ресурси во клучните области на реформите, како што се образованието, правдата, јавната администрација и економијата, кои се од витално значење за постигнување на стратешките приоритети на Северна Македонија – членство во НАТО, кое веќе го остваривме и полноправно членство во ЕУ, на кое посветено работиме, посочи вицепремиерот Маричиќ.
Експертскиот тим за санкции кој работи на случаи на корупција на високи функционери против сегашни и поранешни функционери беше потенцирано дека особено се цени, бидејќи борбата против корупцијата е еден од клучните приоритети во обезбедувањето европски стандарди.
Соговорниците ја истакнаа и поддршката која преку проектни соработки се реализира со финансирање од УСАИД, посочувајќи дека Стратешката рамка на УСАИД за Република Северна Македонија 2018-2020 обезбеди основа за плодна соработка насочена кон 4 главни резултати, поставени како цели за овој тригодишен период на соработка.
На состанокт беше истакната и Новата Стратегија за соработка за развој на земјата 2020-2025 која е фокусирана да обезбеди поддршка за промовирање просперитетна, добро управувана и стабилна Северна Македонија, посветена на евроатлантската интеграција преку партнерството со УСАИД. Во овој контекст беше најавено дека е предвидено УСАИД да направи стратешка транзиција од програма донатор-примател кон програма каде што улогата на УСАИД ќе биде каталитичка, при што ќе помогне да се воспостават партнерства предводени од земјата помеѓу приватниот сектор, владата и граѓанското општество, со цел да ѝ се помогне на Северна Македонија да напредува.
Вицепремиерот Маричиќ и амбасадорката Агелер се согласија дека во време на воена и енергетска криза на континентот од исклучително значење е да се интензивира соработката помеѓу земјите во насока на обезбедување стабилност и услови за непречено спроведување на зацртаните реформи.
Извор: Влада