– Македонската економија има огромен, а недоволно искористен потенцијал за развој во делот на креативните индустрии, како и луѓе кои со своите дела веќе се имаат докажано на светската сцена, но мора да се направи многу повеќе за да се унапредат условите, со што ќе се добие и поголема ефикасност – истакна министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, на министерскиот состанок на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, кој се одржува денеска во Цетиње, Црна Гора.
– Од неодамна е формирана Асоцијација на креативни индустрии при Стопанската комора на Северна Македонија, која се залага за унапредување, развој, поттикнување, зачувување и негување на културата и културното наследство. Асоцијацијата предвидува учество и организирање на разни видови активности со цел поддршка на постојните индустрии, активно учество во креирањето на законските измени и нови решенија на полето на креативните индустрии, како и подобрување на генералната економска слика на Северна Македонија – рече министерката.
Таа потсети дека имаме и стратегија во која е разработена темата за креативните индустрии, но дека недостига поактивна имплементација на утврдените цели, а процесот за соработка на земјите од Југоисточна Европа ни дава отворена можност за унапредување на политиките во сите сфери на живеењето.
– Како Министерство за култура имаме обврска да го зајакнеме делот за стимулирање на проектите од областа на креативните индустрии. Се разбира дека големо влијание за трансформациите што се пред нас имаат и политичките иницијативи во кои сме вклучени, како што се: Отворен Балкан, овој Процес за соработка на Југоисточна Европа, пристапниот процес и скрининг-програмата за ЕУ – рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа информираше и дека Министерството за култура предвидува формирање нов сектор за креативни индустрии со посебна буџетска линија.
– Важно е да се препознаат вредностите што сите ги имаме во богатството од културни добра, во неискоритените потенцијали кај поединците и кај граѓанските здруженија, кај иноваторите и креаторите, нивната сила за создавање хумано општество за живот со економски бенефиции и со самоодржливост – додаде таа.
Министерката истакна дека успесите во креативните индустрии се заеднички успеси, и имаат повеќекратно значење, покрај високиот економски бенефит, изразувајќи уверување дека сите заедно, со заедничките искуства, вмрежени на институционално ниво, ќе му помогнат на целиот регион со иста ефикасност да ги следи европските достигнувања.
На крајот Костадиновска-Стојчевска го изрази своето задоволство што Република Северна Македонија од јуни следната година ќе биде претседавач на Процесот за соработка на земјите од Југоисточна Европа и нивен домаќин.
Извор: Влада