Во Клубот на пратеници денеска се оддржа првата јавна расправа за новиот Предлог закон за работни односи, со што воедно започна серијата јавни расправи кои ќе се оддржуваат во повеќе градови во државата во текот на месец јануари и февруари.
Социјалните партнери денеска дискутираа за досегашните предлози дадени изминатиов период, во кој сите страни имаа можност да дадат предлог или коментар со цел креирање на квалитетно законско решение во интерес на сите страни.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во своето воведно обраќање ја истакна потребата од изготвувањето на нов текст на законот, кој би содржел јасни и прецизни одредби, со кои би се надминал проблемот на различни толкувања при нивната примена.
„Од самиот почеток одлуката беше процесот да биде целосно инклузивен и да ги вклучува сите оние кои можат да дадат придонес во обликувањето на законот и неговата содржина и особено сме горди што ваквиот начин на подготовка на законот значеше издигање на трипартитниот дијалог, односно социјалниот дијалог на национално ниво, на многу висока позиција. Покажавме дека сакаме да го слушнеме гласот и на работниците, но и на бизнис заедницата, и аргументираните и издржани, решенија, да ги вклопиме во законот,“ истакна Тренчевска.
Во процесот беа вклучени и граѓанските организации, претставниците на судовите и на академската заедница, односно сите коишто сметавме дека со нивните конструктивни предлози ќе му додадат вредност на законот.
Таа потенцираше дека, Законот за работни односи е основен закон со кој се уредуваат базичните права од работен однос, кој воспоставува баланс во односите помеѓу договорните страни, работниците – работодавачите и создава правна сигурност кај работниците од една страна и продуктивни работници за работодавачите од друга страна.
„Последниве години, во нашата земја, сме сведоци на промените на пазарот на трудот ,кога имаме дефицит на работна сила и кога се бара работник повеќе, особено добар работник. Неминовно, пазарот на трудот прави и саморегулација на овие односи. Во текот на процесот на подготовка, слушнавме дека дури и работодавачите сметаат дека работниците не се повеќе послабата страна. И ова е можеби добро, бидејќи ја менува перцепцијата за односот работник – работодавач во насока на тоа и двете страни да сфатат дека едни без други не можат, дека си се потребни и дека треба да се почитуваат и да се грижат едни за други и да го негуваат договорниот однос и правата и обврските кои произлегуваат од него, “ рече Тренчевска.
На денешната јавна расправа се дискутираше за дел од новитетите кои ги носи новиот закон за работни односи, како што е времетраењето на договорите на определено време и нови форми на договори, регулирање на отсуството заради раѓање и мајчинство, вклучување на отсуство на таткото по раѓање на детето, годишните одмори, отказните рокови , а се прави и јасна дистинкција и во делот на прекршоците.
Министерката изрази убедување дека преку заедничка работа и вклученост на сите страни, се дојде до нацрт верзија на законско решение, која претставува еден современ закон, кој ги содржи сите меѓународно прифатени трудови стандарди, од конвенциите на Меѓународната организација на трудот до директивите на ЕУ, закон кој ја следи динамиката на пазарот на трудот и ги отсликува реалните состојби на работните односи во Република Северна Македонија. Закон, кој ќе промовира флексибилност, кој ќе придонесе за задржување на постоечките и креирање на нови работни места.
По завршувањето на серијата јавни расправи, Законот ќе биде поставен на ЕНЕР, каде што повторно ќе може да бидат дадени предлози и коментари. А потоа, за законот ќе се дискутира и на Економско социјалниот совет, каде заеднички со социјалните партнери ќе се дојде до финалната верзија.
„Се надеваме дека времето и праксата ќе покажат дека носиме добар закон, кој ќе биде соодветна основа за унапредување на односите помеѓу работниците и работодавачите,“ порача Тренчевска.
Извор: Влада