spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМФ: Измени на Законот за финансиски друштва за заштита на граѓаните, се...

МФ: Измени на Законот за финансиски друштва за заштита на граѓаните, се дефинира максималниот износ на трошоци за кредит

Поголема заштита на граѓаните коишто користат услуги на финансиските друштва и зголемување на довербата во финансиските друштва се дел од целите на измените на Законот за финансиските друштва, што ги предложи Министерството за финансии, а ги усвои Владата на последната седница.

Со измените на Законот за финансиските друштва, во насока на заштита на потрошувачите коишто се корисници на услугите од овие друштва, се утврдува максималниот износ на сите трошоци поврзани со кредитот, се укинува можноста за земање кредит за затворање на претходно доспеан кредит во исто финансиско друштво, а се укинува и можноста трговските друштва што поседуваат дозвола или лиценца согласно Законот за игрите на среќа и за забавните игри да можат да бидат кредитни посредници на финансиско друштво, односно да нудат кредитни производи.

Предложените измени предвидуваат финансиското друштво да не може да склучи договор за потрошувачки  кредит, ако трошоците што не влегуваат во годишната стапка на вкупни трошоци надминуваат 60% од износот на одобрениот кредит. Надоместоците се однесуваат на сите трошоци што потрошувачот ги плаќа или има обврска да ги плати во текот на целиот период на важност на договорот, а кои произлегуваат или на каков било начин се поврзани со договорот за потрошувачки кредит или поврзани услуги. Исклучок од ова се трошоците настанати во постапка за извршување и законската казнена камата. Финансиското друштво ќе има обврска задолжително транспарентно и јавно да го објави тарифникот со надоместоците на својата интернет страница или да го истакне на видливо место во своите работни простории.

Со новиот Предлог-закон, финансиските друштва ќе треба да воспостават систем за управување со кредитен ризик, којшто се однесува на загуба на финансиското друштво поради неможност клиентот да ги намирува своите обврски во договорениот износ или рокови.

Законот го зајакнува и надзорот врз работењето на финансиските друштва, по примерот на другите регулатори (како на пример, Народна банка и Комисија за хартии од вредност), а за што ќе биде пропишан и донесен посебен правилник. Исто така, предвидени се и глоби од 8.000 до 10.000 евра за непочитување на законските одредби.

Дополнително,  измените се и во насока на зајакнување на  регулаторната рамка за работење на финансиските друштва на пазарот во Република Северна Македонија, а во насока истите да претставуваат сериозни финансиски институции кои нудат алтернатива на банкарското работење, а не само друштва кои нудат краткорочни кредити на населението.

Позначајни промени во оваа насока се зголемувањето на износот на основната главнина за основање на финансиското друштво од 100.000 евра на 500.000 евра, при што таа не може да биде обезбедена од заеми или кредити, потоа да има најмалку двајца вработени, управителот да биде вработен во финансиското друштво и да поседува репутација итн. Законските измени пропишуваат дека дозволата ќе му биде одземена на финансиското друштво ако во рок од една година му се изречат две мерки, односно глоба или привремена забрана за вршење активност.

Со законските измени се доуредува и финансиската активност – факторинг.

Измените на Законот произлегоа од потребата за зајакнување на регулаторните барања и стандарди што треба да ги исполнуваат финансиските друштва, чиј број  значително се зголеми, а се зголеми и бројот на корисници на потрошувачки кредити што тие ги издаваат.

 

 

 

Извор: Министерство за финансии

Прочитајте

АФПЗРР: Соопштение за исплата на органско производство за 2023 година

0
 Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денес изврши исплата кон 811 лица со вкупен износ 61.219.350,00 денари за мерката Органско производство за 2023 година. Корисници...