Со цел утврдување на потребната динамика на работа во периодот кој претстои, општинските стручни служби, додека се подготвуваат за новата градежна сезона и реконструкција на водоводни, канализациони мрежи и поставување на нов асфалт на 32 улици, паралелно, вршат увид и на локациите, каде што активностите не се комплетно завршени и потребно е нивно доуредување.
Од 20 те асфалтирани улици минатата година, инфраструктурните активности годинава продолжуваат на патот за с.Брусник и на Булевар 1 Мај.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и претставници на општината, заедно со изведувачите на градежните работи и претставници на надзорите, извршија увид на двете локации.
На патот за село Брусник, во новата градежна сезона, градежните работи ќе продолжат со поставување на банкини, но истовремено по дадена забелешка од надзорот и утврдени критични места, изведувачот на коловозот, на сопствен трошок ќе изврши обработка на делниците каде беа констатирани недостатоците, со цел нивно отстранување.
Инфраструктурните активности после асфалтирањето, продолжуваат и на „Булевар 1 Мај“, каде во овој период се работи на завршување на банкините и скалниците, како и отстранување на евентуални недостатоци, до комплетирање на проектот.
Градоначалникот Коњановски, за време на денешниот увид, нагласи дека, со ваквиот пристап, локалната самоуправа, континуирано работи на реализација на планираните проекти, но и редовна контрола за целосно и квалитетно завршување на работите од страна на ангажираните економски оператори.
Извор: Општина Битола