Интенцијата да се зголемат платите на вработените во Министерството за финансии беше моја и инцијатива на раководството во институцијата и на таа интенција остануваме, но ќе го бараме преку системско решение или одредба која нема да има дилеми околуправно толкувањето, вели министерот за финансии Фатмир Бесими.
„Останувам на интенцијата дека вработените чија работа директно е поврзана со буџетските прашања и што е исклучително важно, треба да имаат трипати повисока плата и тоа треба да се реши. Идејата беше во рамките на Закон за буџети, бидејќи се однесува на таа област и таму да се даде таква можност, но од правен аспект во моментот кога требаше да се имплементира и да се направат пресметките за исплата, имаше различни толкувања и оставивме простор наместо да се исплати платата па потоа вработените да треба да враќаат, да се констатира што е реалната состојба“, рече Бесими.
Тој додаде дека секој вработен ќе го добие она што му следува согласно закон, и дека не е интенцијата дека некому се одзема, напротив, вели министерот, тоа прашање не беше резултат на некои преговори, ниту со вработените во Министерството за финансии, ниту со синдикатот, тоа беше моја лична иницијатива и раководството на Министерството затоа што реално гледавме потреба и притисок од пазарот на трудот.
„Нема никаква дилема дека тоа што е право на вработените ќе се оствари и тоа беше интенција што произлезе од нас во Министерството како раководство, за да се направи едно разграничување дека Министерството за финансии визави другите министерства е поддршка за сите институции во Владата и нивно непречено функционирање. Затоа бараме системско решение, како што беше направено минатата година со решавање на прашањето со минималната плата, со пензионерите, а исто така и со Законот за јавна администрација“, рече министерот.
Тој појасни дека со тоа системско решение минималната плата веќе од март ќе има раст и тоа е веќе предвидено во Буџетот за 2023 година. Тоа значи дека со усогласувањето согласно утврдените критериуми платата на сите вработени во државната администрација, ќе се зголеми за дополнителни околу 2.200 денари. Тоа значи дека платата на државен советник која е 39.000 денари ќе има зголемување од 5 %, а кај другите и повеќе. Тоа се однесува за сите вработени, не само за вработените во Министерството за финансии, а значајно е дека во јавниот сектор нема да има вработени кои ќе земаат плата под минималната плата“, појасни министерот Бесими и додаде дека дополнително во последните години имаше и неколку зголемувања на платите во различни области, како судство и обвинителство 15 %, образование 15 %, високо образование 8% и 7 %, инспекторатите по 10 % во три последователни години, здравство, МВР, Армијата и други институции.
Министерот појасни дека системското решение се бара преку нов закон на кој работат Министерството за информатичко општество и Министерството за труд и социјална политика и Министерството за финансии или дополнителна интервенција во Законот за Буџети дека со тоа решение ќе се заштити стандардот на граѓаните и интегритетот на вработените во јавниот сектор.
Извор: Министерство за Финансии