Во рамките на заложбите за меѓународна афирмација и валидност на работата на Агенцијата за примена на јазикот на РСМ во ноември 2022 година Агенцијата подготви проект со кој аплицираше на Европскиот центар за модерни јазици (ESML) во Грац, Австрија што е дел од Советот на Европа со седиште во Стразбур, Франција, по претходно објавен меѓународен повик.
По евалуација на проектот, на 20 февруари 2023 година АПЈ доби формално известување дека истиот е одобрен.
Проектот се однесува на поддршка во обука и експертска помош во рамките на Модулот Повеќејазично образование и ќе ги опфати вработените на АПЈ што ќе се стекнат со можност за унапредување на своите вештини за работа во повеќејазично опкружување. Целосниот назив на модулот во чиишто рамки ќе се реализира проектот Плурилингвално образование – Плуралистички пристапи кон јазиците и културите. Дидактичка алатка за интегрирано плурилингвално и интеркултурно образование (Plurilingual education – Pluralistic approaches to languages and cultures. A didactic tool for integrated plurilingual and intercultural education – FREPA).
Во текот на мај 2023 година во седиштето на АПЈ во Скопје ќе престојува д-р Андреа Јанг (Andrea Young), редовен професор на Факултетот за образование и доживотно учење при Универзитетот во Стразбур, којашто ќе биде проектен експерт ангажиран од доделувачот на грантот, во соработка со координаторот на модулот професорот Мишел Канделие (Michel Candelier), а од страна на АПЈ проектот го подготви и со него аплицираше Лазо Матовски од тимот на АПЈ.
Реализацијата на проектот претставува потврда на успешна соработка на АПЈ со Европскиот центар за модерни јазици, што се воспостави со посетата на центарот од страна на директорот на АПЈ, Илбер Села, во мај 2022 година.
Извор: Агенција за примена на Јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните