Водиме одржливи и конзистентни макроекономски и фискални политики. Спроведуваме реформи коишто се дел од нашата европска агенда и истовремено се бориме со предизвиците што ги наметна кризата предизвикана од пандемијата на ковид -19 и енергетската и ценовната криза. Во реализацијата на реформската агенда имаме значајна поддршка од нашите партнери, ЕУ и САД, и таа поддршка ја цениме. Ова го истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими, кој денеска се сретна со директорката за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседство и проширување на ЕК, Михаела Матуела и евроамбасадорот Дејвид Гир.
„Министерството за финансии спроведе значајна реформа во управувањето со јавните финансии, што претставува промена на традиционалното буџетирање во буџетирање базирано на резултати. Клучно во спроведувањето на оваа реформа е донесувањето на новиот Закон за буџети, со кој се воспоставени фискални правила, што значи поголема одговорност за начинот на трошење на парите. Остануваме на определбата за фискална консолидација, како и поддршка на домашната економија, преку промена на структурата во Буџетот и фокусирање на имплементацијата на капиталните проекти, а со цел забрзан економски раст“, рече министерот Бесими.
Тој истакна дека управувањето со јавните финансии е особен предизвик во услови на криза и дека се потребни адекватни и брзи реакции за да се заштити стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите, а притоа да се обезбеди фискална одржливост. Се осврна на антикризните мерки што ги донесе Владата со цел справување со корона-кризата, како и со енергетската и ценовната криза и воедно се заблагодари на ЕУ за финансиската поддршка во тие напори.
„Во текот на 2020 година ЕУ додели грант од 40 милиони евра за справување со корона-кризата, а сега ја очекуваме и првата транша од 72 милиона евра од најавениот грант за справување со енергетската и ценовната криза. Дополнително, од ЕУ очекуваме и 100 милиони евра макрофинансиска поддршка по поволни услови“, рече министерот Бесими.
На средбата беше посочен и напредокот на РС Македонија во нејзиниот евроинтеграциски процес и започнатиот скрининг–процес, како и значењето на институционалните капацитети при спроведувањето на овој процес и зајакнувањето на човечкиот капитал.
Исто така, стана збор и за Програмата на економски реформи во која се содржани реформите на кои ќе работи РС Македонија, а коишто се дефинираат во рамки на Економско-финансискиот дијалог со ЕК. Беше укажано дека земјата повторно понуди квалитетна Програма.
Извор: Министерство за финансии