Ќе се споделат материјалите за интерните испити и банките со прашања најдоцна четири недели пред интерниот испит со број на прашања 3 пати поголем од бројот на прашања на испитот, ќе им се препорача на универзитетите првиот екстерен испит да биде соодветен на сите студиски програми, а ќе се препорача и промена на соодносот на поените меѓу екстерните и интерните испити при упис, во корист на интерните. Ова се барањата од Сојузот на средношколци за адаптирање на државната матура коишто беа прифатени од Министерството за образование и наука, а денеска на средба со нив, им беше соопштено од министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.
Поради веќе донесениот Календар за оваа учебна година, од страна на Министерството беше појаснето дека не е можно одложување на датумот на првиот екстерен испит, што е едно од барањата на Сојузот. Оттука како дополнително и компромисно решение беше понудено намалување на обемнсота на тестот по мајчиниот јазик преку дополнување на Концепцијата за полагање државна матура, училишна матура и завршен испит во јавното средно образование.
“Имајќи предвид на кој начин оваа генерација на матуранти ја следеше наставата, ние како министерство сме согласни со голем дел од барањата на Сојузот, со цел олеснување на процесот на полагање, и токму во таа насока и ќе воведеме олеснување при полагањето на тестот по мајчин јазик да се намали по обемност, односно да носи од 60 до 80 поени, а не како до сега од 80 до 100 поени. Ова подразбира и дека во содржината на тестот ќе има намалување на бројот на прашања поврзани со способноста литература, што како предлог од Сојузот на средношколци беше прифатено“, вели министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.
Министерот Шаќири како особено важно барање од страна на Сојузот на средношколци го истакна барањето за споделување на материјалите за интерните испити и банките со прашања најдоцна четири недели пред денот на испитот, за што на присутните средношколци им посочи дека истото е прифатено, а бројот на прашања во банките ќе биде 3 пати поголем од бројот на прашања на испитот, како што и беше побарано.
Едно од барањата на учениците околу државната матура – Владата да им препорача на сите универзитети во земјава првиот екстерен предмет (мајчин јазик – Македонски јазик и литература, Албански јазик и литература, Турски јазик и литература) да го сметаат за соодветен, со што к?е се зголеми неговиот придонес во поените за државната матура, но к?е се покаже дека државата го негува и се грижи за мајчиниот јазик, од страна на Државниот матурски одбор и Министерството за образование и наука е прифатено и за истото министерот Шаќири ќе испрати допис до сите универзитети во државата со препорака на која искрено се надева дека ќе биде позитивно прифатена и имплементирана од истите.
“За мене како министер, но и приоритет на Владата е организирање на државна матура која ќе биде според сите законски прописи, а воедно и да ги слушнеме барањата и потребите на матурантите знаејќи дека од државната матура за нив зависи запишувањето во високообразовни установи во државава и во други земји, истакнува Шаќири.
Со одлуките на МОН и на другите надлежни институции, донесени во интерес на матурантите, беа запознаени и претставниците на ОДАС – организацијата за дијалог и афирмација на средношколците, кои исто така присуствуваа на средба во министерството.