Министерот за правда Кренар Лога одржа брифинг со новинарите на кој се разговараше за сите актуелни теми и процесите низ кои се очекува да помине земјава следниот период. Меѓу главните теми за кои медиумите изразија поголем интерес беа уставните измени и дијалогот со опозицијата за оваа тема и другите работни групи кои треба да се формират за реформи.
Измена на преамбулата за внесување на Бугарите и други заедници во Уставот, надминување на вакумот при оставка и избор на нов министер , вакумот веќе распуштено Собрание да може да заседава за битни прашања, замена на формулацијата „20 отсто“ со формулацијата „албански јазик“, министерот за правда по функција да не биде член на Судскиот совет, се само некои од предлозите кои министерот за правда Кренар Лога смета дека во пакет треба да бидат донесени со отворањето на Уставот.
„Јас сум во комуникација со сите чинители во државата, со премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на државата Стево Пендаровски и со други истакната личности и верувам дека работната група многу брзо, за денови или недели ќе биде составена. Се размислува не само во делот на преамбулата Уставот да претрпи измени, туку да се реши прашањето со вакумот кој се случи за потпишувањето на еврообврзницата со оставката на министерот и изборот на нов министер, во делот каде министерот за правда по функција е дел од Судскиот совет, во делот што беше проблематичен во пандемијата кога Собранието не можеше да заседава бидејќи беше распуштено, за промена на формулацијата „20 отсто“ со формулацијата „албански јазик“. Како и да е, за сите овие прашања треба да имаме консензус, а за нас приоритет останува измена на преамбулата во делот на вклучување на помалите заедници“, рече Лога.
Министерот Лога верува дека ВМРО-ДПМНЕ ќе делегира свој претставник во работната група за новиот Изборен законик, бидејки како што истакна, има теми за кои партиите имаат концензус и мора да се решават како што се забелешките на ОБСЕ и ОДИХР.
Очекувам опозицијата да е дел од работната група, не само за уставните измени, туку и за Изборниот законик и сите други работни групи врзани со реформи, не само за правосудниот систем, туку и за други области. Верувам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се надмине себеси и ќе биде дел од ова, за да не бидеме повторно десет години во изолација. Првата недела од мојата работа пратив писмо до ВМРО-ДПМНЕ да предложат свој член на работната група, потоа уште едно и до Мицковски, каде кажав дека го отстапувам и местото претседател на комисијата. Нема да чекаме бескрајно, до крајот на оваа недела ќе почекаме, изјави Лога, на денешниот брифинг со медиумите во Министерството за правда.